21.8 C
Skopje
Tuesday, July 5, 2022

Првиот сериски автомобил на соларна енергија: Вози со месеци без полнење

Најчитани вести

Моделот Lightyear 0 е семеен седан со вградени соларни панели од 5 квадратни метри, кој може да генерира доволно енергија за до 70 километри возење без ден.

Холандската компанија со 500 вработени потпиша договор со повеќе од 100 добавувачи и има намера да започне со производство на овој електричен автомобил на соларна енергија.

Покрај соларни панели, овој електричен седан има и батерии кои овозможуваат автономија до 560 km при возење на автопат, со брзина од 110 km/h, дури и без сонце.

Тоа е прилично импресивна бројка; за време на WLTP тестирањето, Lightyear 0 имаше вкупен опсег од 625 km, што е речиси 4 проценти повеќе од Tesla Model 3 Long Range AWD.

Компанијата наведува дека го развила најефикасниот електричен погон досега и дека овој податок за автономија се однесува на батерија од 60 kWh. За споредба, Model 3 Long Range AWD има батерија од 82 kWh.

Дури и ако стандардот за мерење WLTP е премногу оптимист за реалните услови на возење, Lightyear сепак добива поголема автономија со значително помала батерија од Tesla, користејќи само 10,5 kWh на 100 km при 110 km/h на автопат.

Овој резултат беше делумно постигнат благодарение на помалиот отпор на воздухот. Холандскиот производител наведува дека коефициентот на отпор на воздухот е 0,19, што го прави Lightyear 0 најаеродинамичниот семеен автомобил некогаш направен.

Одличната автономија е резултат и на специјално развиените пневматици Bridgestone дизајнирани да го намалат отпорот при тркалање.

Но, дел од тоа доаѓа и од намерното фокусирање на ефикасноста на сметка на перформансите. Имено, на автомобилот му требаат цели 10 секунди за да забрза од 0-100 km/h, а достигнува максимална брзина од „само“ 160 km/h.

За споредба, Tesla отсекогаш се трудела да ги импресионира клиентите со извонредно забрзување, па моделот 3 Long Range AWD достигнува 100 за четири секунди и развива максимална брзина од 233 km/h.

За време на сончев летен ден, Lightyear 0 може да помине до 70 km без полнење на батеријата. Ако додадете целосно наполнета батерија, производителот тврди дека ако вашето дневно патување е помало од 50 километри, автомобилот може да се вози со месеци и илјадници километри пред да биде потребно да се наполни батеријата на полнач.

Соларното полнење може да придонесе до 10 километри автономија на час. На домашен штекер се полни со 32 km автономија на час, а на брз полнач до 520 km автономија на час, каде што е достапна таква инфраструктура.

Што се однесува до внатрешноста на автомобилот, возилото има пет седишта, многу багажен простор и „веганска“ внатрешност, изработена од „растителна“ кожа, рециклирани PET шишиња и ратан палма.

Тука е и 10,1-инчниот екран на допир за навигација и контрола на мултимедијалниот систем.

Бројките на хартија се едно, а реалноста сосема друго, па ќе биде интересно да се дознае колку добро овој автомобил ја врши работата за која е конструиран во реални услови, во текот на целата година.

Друга работа не му оди во прилог, а тоа е цената. Lightyear 0 е исклучително скапа „играчка“. Од компанијата велат дека ќе бидат направени само 946 примероци, кои ќе се продаваат по цена од 250.000 евра, а испораките ќе започнат во ноември.

Меѓутоа, доколку се распродаде целата серија возила, компанијата вели дека ќе продолжи да се развива со цел во иднина да понуди соларен автомобил за „обичните смртници“, со почетна цена од 30.000 евра и проектиран датум за почеток на производство во 2025 година.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com