18 од 73-цата пратеници кои лани за патни трошоци наплатиле 360.000 евра имаат станови во Скопје.
На списокот на пратеници кои во анкетните листови кои доставиле до Антикорупциската комисија поседуваат имоти во главниот град се главно пратеници од двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Но, меѓу нив има по еден од НСДП, ЛДП и Алијанса.
Дел од овие станови се лични имоти на пратениците, но има и такви кои се запишани на нивните брачни другари, родители или пак деца.
Од оваа група на пратеници со домови во Скопје најмногу пари за патни трошоци наплатила пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска. За 11 месеци добила над 550.000 денари, а поседува два стана во Скопје. Едниот се води на име на нејзиниот сопруг и е со површина од 74 метри квадратни, а другиот се води на „имот на деца“ и е 54 метри квадратни.
Следен на листата е Панчо Минов, пратеник од СДСМ. Наплатил речиси 530.000 денари, а неговата сопруга поседува стан од 96 метри квадратни во Скопје.
Меѓу сите пратеници највоочлива е Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Наплатила 365.000 денари за патни трошоци за патувањата на релација Скопје – Гостивар и обратно. Но во нејзиниот анкетен лист пријавени се четири стана. Сите станови се водат како имот на нејзините родители. Тие поседуваат три стана од по 50 метри квадратни и еден од 30 метри квадратни во главниот град.
Меѓу пратениците кои минатата година наплаќале патни трошоци има и такви кои живеат во Скопје или во околината на главниот град.
Зеќир Рамчиловиќ живее во селото Долно Коњари, општина Петровец. Од оваа општина до Собранието има точно 17 километри, но Долно Коњари се наоѓа подалеку, па Рамчиловиќ во правец возел 36 километри за да дојде на работа. Затоа наплатил над 150.000 денари за патни трошоци. Но и покрај куќата во Долно Коњари, Рамчиловиќ поседува и стан во Скопје со вкупна површина од 57 метри квадратни.
Абдула Салиу живее во Сарај. Оваа скопска општина е одалечена само 10 километри од Собранието, но Салиу 10 месеци минатата година наплаќал патни трошоци и земал нешто повеќе од 30.000 денари.
Бети Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа најдолу на листата побарувачи. Пари за патни трошоци побарала само во јануари, февруари и март. За три месеци наплатила 12.000 денари. Но нејасно е зошто ги наплатила овие трошоци бидејќи, според анкетниот лист, нејзините родители поседуваат куќа од 95 метри квадратни во Кисела Вода, како и два стана во Кисела Вода и Аеродром со површина од 64, односно 49 метри квадратни.