Home » Пратениците расправаа за разрешување на министерот Алити, седницата ќе продолжи в понеделник

Пратениците расправаа за разрешување на министерот Алити, седницата ќе продолжи в понеделник

by Журнал.мк

Пратениците денеска почнаа расправа за разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити од Алтернатива, откако доцна синоќа заврши расправата за предлогот од Владата за разрешување на неговиот сопартиец Беким Сали. Гласањето по таа точка од дневниот ред ќе биде дополнително, бидејќи немаше доволен број пратеници во собраниската сала.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во нивните говори критикуваа дека Алити не сработил ништо во ресорот кој опфаќа дигитализација и унапредување на јавната администрација, освен што „на своја рака“ одлучил за балансер со кој ќе се вработат поголем број Албанци.

– Алити проценил дека во тој балансер треба да го стави процентот и на Албанците во дијаспората, а не од резидентното население или 31,5 проценти, наместо 24,3 според пописот, што е незаконски и неуставно. Донесе на своја рака одлуки, а СДСМ тоа го премолчи за да остане на власт, рече Бране Петрушевски.

Опозициските пратеници прашаа и до каде е стратегијата за кибер-безбедност на Министерството за информатичко општество и администрација, што повеќе од една година го раководел Алити, посочувајќи за хакерскиот напад од кој сѐ уште е блокиран Фондот за здравствено осигурување, како и најавите за поставени бомби во училиштата кои траат четири месеци.

– Институциите не се поврзани меѓу себе, ги погаѓаат хакерски напади… Ова е едно од клучните Министерства ако сакаме да влеземе во Европа – дигитализација на институциите, реформи кои би им помогнале на медиумите и на јавна администрација. Секако Алити треба да си замине зашто ништо не направил, рече Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, премиерот треба да направи смени и во образование и економија – министерствата кои, како што рече, „најмногу бодат очи“, но смета дека таму Ковачевски „не смее да чепне“ поради неговиот коалициски партнер Али Ахмети.

Фиснике Бектеши-Шаќири од ДУИ во репликата рече дека „Али Ахмети е пример за лидер зашто сака да ги обедини сите етникуми во Македонија заедно да се приклучат на европскиот фронт“.

– Од оваа говорница денес зборуваме албански, имаме соодветна застапеност и заради Али Ахмети сме во НАТО и ќе бидеме во Европската Унија, рече пратеничката од ДУИ.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека Алијанса за Албанците (АА) „ќе ја спасува владата на СДСМ и ДУИ“, како што на крајот од 2021 година „гума за спасување“ била Алтернатива.

Тој им порача на пратениците на АА дека со својата одлука влегуваат во, како што рече, „криминално дувло, со висок процент на корупција, особено во судството, здравството, јавната администрација, полицијата“.

Реагираше Артина Ќазими од АА одговарајќи му дека со влезот во владината коалиција не умира каузата на нејзината партија, туку дека годината е критична за земјава и тие внесуваат стабилност.

– Ова е критична година и може да умре надежта за реформирана држава. Доколку не влезевме ние, ќе требаше да одиме на предвремени избори. Доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, има ли план и дали ќе ги почне преговорите? Можен е ризик од зголемено руско влијание, ова е година на опасност. Не смееме да ја ризикуваме нашата европска иднина. Со нашата одлука се зголемува стабилноста во државата, рече Ќазими.

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ ја нарече АА „резервно тркало“, на што пратеникот Елми Азири возврати дека нивната одлука за влез во Владата се темели на визија, мисија и програмски цели на партијата.

– Во политиката нема место за двоен морал. Некоректно е овде да се зборува за криминал и корупција кога 400 ваши функционери се шетаат по судови за криминал и корупција, рече Азири.

На петтиот ден од 104-тата седница, пратениците од опозицијата продолжија со критики на политиките на Владата, а од владејачкото мнозинство полемизираа со реплики.

Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ рече дека политиките на СДСМ и коалицијата се меѓународно признати и препознати и дека денес земјава е членка на НАТО и почна преговори за членство во Европската Унија.

– Пред пет години бевме квалификувани како заробена држава, денес сме партнер и сојузник на западниот демократски свет, рече пратеничката на СДСМ.

Расправата по предлогот за разрешување на Алити денеска заврши во 15 часот и, како што соопшти заменик-претседателот на Собранието, Горан Мисовски, ќе продолжи во понеделник во 12 часот.

Покрај Беким Сали и Адмирим Алити, на дневен ред на оваа седница е разрешувањето на уште еден нивни сопартиец од Алтернатива – Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk