Home » Пратениците бараат отчет од АНБ и АР за шпионските софтвери Предатор и Пегасус

Пратениците бараат отчет од АНБ и АР за шпионските софтвери Предатор и Пегасус

by Журнал.мк

Собраниската комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) на денешната седница го прифати предлогот на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз (ДС) со кој се бара од надлежните институции да достават Информација за софистицираните системи Пегасус и Предатор, посебно за нивното производство, продажба, користење и можни злоупотреби.

„Во информацијата покрај другото треба да се опфатат и следните елементи – кои фирми се вклучени во производството и продажбата на системите, дали нашите служби ги користат и поседуваат, дали вакви системи поседуваат поединци, компании, политички партии и други субјекти. Потоа дали и која институција ги штити граѓаните од злоупотреба на овие системи“, рече Трајанов на седницата. 

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во однос на можното користење на софтверите, во април упатиле пратеничко прашање  на што добиле одговор дека не е регистрирана употреба на софтверите од страна на институциите. 

„После ставањето на фирмата која го произвела софтверот на црната листа, САД  и кажуваат на земјава дека тоа претставува закана за националната безбедност, меѓутоа Јавното обвинителство се произнесува за ненадлежно. Практично, за некои странски држави производството на овој софтвер во нашата држава е закана за националната безбедност, а за нас очигледно дека нашите институции сметаат дека тоа не е. Тоа укажува на фактот дека свесно се употребува тој софтвер и се бега од вистината или пак несвесно се употребува, а институциите не се свесни дека таков софтвер имаме и дека нема капацитет за проследување на ваквите закани“, рече Ковачки.

Се очекува во Информацијата да биде дадена и оценка за казнените мерки, односно дали тие обезбедуваат превенција или треба зголемување на казните при злоупотреба на системите.

Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, МВР, но и военото разузнавање и други институции, овие информации треба да ги достават до Комисијата за надзор над работата на АНБ И АР најдоцна до 18 август годинава.

Во вторникот, македонската фирма Сајтрокс беше ставена на црната листа заедно со уште три други фирми од Грција, Ирска и Унгарија кои се поврзуваат со софтверот за шпионирање „Предатор“, кој беше најден во телефоните на политичари и новинари низ светот. Сајтрокс е основана во Скопје во 2017 година и се смета дека го развила софтверот  „Предатор“, со кој скришно може да се шпионираат Андроид и Иос телефони.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk