Home » По суспензијата на Русковска, висат предистрагите за „Беса транс“ и за финансиската полиција

По суспензијата на Русковска, висат предистрагите за „Беса транс“ и за финансиската полиција

by Журнал.мк

При крај е собирањето докази во предистрагата за тоа зошто министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски чекал 3,5 месеци да ја забрани работата на станицата во која бил регистриран автобусот на „Беса транс“ во кој во Бугарија загинаа 46 патници. Во тек беше и предистрагата за работата на директорот на Управата на финансиската полиција Арафат Муареми. По суспензијата на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска засега не се знае кој обвинител ќе ги води одие предмети.

„Виа комерц“ од Глумово, техничката станица во која беше регистриран автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 46 патници, пред регистрацијата на автобусот веќе имала непотпишано решение за затворање поради бројни пропусти во работењето. Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, потпишал решение за затворање на станицата за технички преглед три дена по трагедијата, 23 ноември 2021 година, но за пропусти во работењето на станицата откриени уште во август. На 5 октомври во „Виа комерц“ се регистрирал автобусот на „Беса транс“. Во извештајот во август било запишано дека во „Виа комерц“ „се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата“.

Доказите за овој предмет биле собрани, се чекало на распит на сведоци, информира Русковска која вели дека поради суспензијата и одморите на обвинителките засега не се знае кој ќе ја преземе предистрагата за овој случај. Русковска ги отфрли неофицијалните информации дека било планирано и приведување на министер за овој случај.

Според правилата на службата, овој предмет би требало да го преземе обвинителката Ивана Трајчева, но таа е на годишен одмор, а и за неа е покрената дисциплинска постапка за постапувањето за време на претресот во Управата за финансиска полиција.

Ако се укине суспензијата, Русковска ќе може да продолжи со предистрагите за двата предмета и со распитот на сведоците.

Русковска го водеше и предметот за финансиската полиција поради кој настрада. Продолжението и за овој предмет ќе зависи од одлуката на Советот за јавни обвинители за суспензијата на обвинителката.

Професорот Гордан Калајџиев во интервјуто за Радио Слободна Европа вели дека невообичаено е што јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески не застанал зад шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

„Вообичаено е обвинителот да ги поддржи своите, да даде поддршка на своите луѓе и да ги онезможи притисоците кон нив. Во овој случај некако како државниот обвинител да застана на другата страна. Дали тоа значи негова коруптивност врзана со изборот во Уставниот суд или некоја друга… Ние знаеме дека едноставно нашиот начин на поставување на главниот обвинител, кој го назначува, односно го предлага Владата, е суштински погрешен и воведува до постојани проблеми на влијание на извршната власт и политичката елита врз Обвинителството, што е многу штетно со оглед на хиерархијата внатре во обвинителството“, рече Калајџиев.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk