За денеска во 17 часот е најавен протест во Скопје со кој ќе се осуди насилството врз жените и девојчињата откако деновиве косовските медиуми објавија дека во Приштина е силувано 11-годишно девојче од група од пет млади лица, тројца од нив малолетни. Во Тирана протест е закажан за 18.30 часот, а во Приштина и денеска ќе се протестира точно на пладне со барање до Владата и до надлежните органи за ефикасно дејствување против сите облици на насилство врз жените и девојчињата, како и со порака до воспитно-образованите институции за поголема грижа за младите.
Протестите во Приштина ги започна Организацијата за феминистичко дејствување, a пораките што ќе бидат испратени од Скопје и Тирана се во насока на поддршка на косовската организација, како и со исти пораки до властите и институциите.
Првоосомничени се браќа на возраст од 26 и 16 години од Приштина, кои според соседите, како што пренесуваат косовските медиуми, биле многу проблематични и постојано создавале инциденти и проблеми. Косовското обвинителство потврдило дека постариот брат многупати бил инволвиран во кривични дела. Браќата се во едномесечен притвор, како и уште две малолетни лица кои се осомничени за силувањето на девојчето.
Во меѓувреме е уапсен и петиот осомничен на19 – годишна возраст кој бил во бегство, а на социјалните мрежи се појавил вооружен со порака дека не верува дека ќе биде пронајден и упасен. Денеска треба да се појави пред судот.