Откако минатата недела три танчарки ја обвинија за малтретирање, навреда и сексуално вознемирување, американската пејачка Лизо (35) го откажа својот претстојен концерт.
Таа требаше да настапи на 2-ри и 3-ти септември на фестивалот Made in America во Филаделфија, но концертот беше откажан поради „тешки и непредвидливи околности“, пишува NBC News. По тешките обвинувања, Лизо наеднаш почна да губи обожаватели, па за само неколку дена на Инстаграм ја отследија повеќе од 170 илјади корисници. Пејачката на Твитер ги отфрли сите обвинувања.
– Овие последни денови беа страшно тешки и крајно разочарувачки. Мојата работна етика, морал и почит беа доведени во прашање. Мојот лик беше критикуван. Обично избирам да не одговарам на лажни обвинувања, но колку и да звучат неверојатно, тие се премногу срамни за да не се осврнам“, ја започна таа долгата објава. Таа додаде дека „лажните наводи“ доаѓаат од поранешни вработени кои веќе јавно признале дека им било кажано оти нивното однесување на турнејата е несоодветно и непрофесионално.
За потсетување, танчарите во обвинението навеле дека Лизо ги терала на сексуални дејствија со банани, ги навредувала и малтретирала.
– Не сум тука за да ме гледаат како жртва, но знам и дека не сум негативецот како што луѓето и медиумите ме прикажуваат во последните денови. Јас сум многу отворена за мојата сексуалност и изразување, но не можам да прифатам или да дозволам луѓето да ја користат таа отвореност за да ме направат нешто што не сум, заклучила таа.