24 C
Skopje
Monday, May 17, 2021

По денешните избори во Шпанија уште поголема неизвесност за членството на С. Македонија во НАТО

Најчитани вести

Формирањето нова влада во Шпанија, а со тоа и ратификувањето на протоколот за зачленување на Северна Македонија во НАТО, се чинат уште понеизвесни од досега по денешните парламентарни избори на кои, како што покажуваат излезните анкети, Социјалистичката партија на привремениот премиер Педро Санчез ќе освои најмногу пратенички места, но сепак помалку отколку на претходните избори во април. Помалку места ќе освои и потенцијалниот партнер на Санчез за формирање влада – крајно левичарската коалиција Унидас Подемос („Заедно можеме“).

Според излезната анкета на јавниот сервис Радио-телевизија Шпанија, во најдобар случај, Социјалистичката партија на Санчез, Унидас Подемос и уште една помала левичарска партија би освоиле заедно 156 места во 350-члениот парламент, а во најлош случај би имале 147 места. По изборите во април, левицата заедно имаше 165 места.

Излезната анкета на РТВЕ во споредба со изборните резултати од април

Десничарската Народна партија, според излезната анкета, денеска поминала многу подобро од април и може да се надева на 85-90 пратеници за разлика од 66 колку што имаше по претходните избори. Најголем скок бележи крајно десничарската партија Вокс, на која и се предвидуваат двојно повеќе мандати (56-59) отколку во април (24).

Броењето на гласовите е во тек и можете да го следите тука.

Ако овој сооднос биде и официјално потврден, тоа само дополнително ќе ја нагласи фрагментираноста во парламентот, што повторно води во период на преговори за формирање влада чиј епилог е крајно неизвесен. Денешните беа петти избори во Шпанија по 2015 година.

Конститутивната седница на шпанскиот парламент е закажана за 3 декември, но тоа не значи, по автоматизам, и можност за ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија во НАТО. Потребно е јасно дефинирано мнозинство во парламентот, воспоставување на работните тела на парламентот и формирање влада за пратениците да може да ја истуркаат процедурата за ратификација на протоколот.

Освен во Шпанија, ратификацијата на пристапниот протокол за Северна Македонија во НАТО не е завршена и во Франција и Холандија. Неколку држави, пак, кои ги заокружија домашните процедури се уште не го депонирале ратификацискиот инструмент во Стејт Департментот во Вашингтон што е, исто така, дел од задолжителната формална процедура.

До формализирање на членството во НАТО, земјава учествува на сите состаноци на Алијансата, но без право на глас. Така ќе биде и на претстојниот Самит на НАТО во Лондон закажан за 3 и 4 декември.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести