Штрајкот на СОНК почнува денес и ќе се одвива во сите установи на национално ниво во дејностите детска заштита – градинки, во основните и средните училишта, како и во ученички и студентски домови и високообразовни институции кои по пат на солидарност ќе се приклучат на штрајкот.
Штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место и ќе трае се додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни.
Како што информираше вчера претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков оние што солидарно ќе се приклучат на штрајкот веќе имаат потпишано барање за пристапување кон штрајкот за што се известени и соодветните работодавачи.
„За жал, до денес немаме позитивни резултати во однос на нашите барања. Со оглед на тоа што одлуката за штрајк е донесена со огромен број на мнозинство на наши членови неминовно е штрајкот да започне во текот на утрешниот ден како што е и најавено. Штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место, односно штрајкувачите ќе бидат сместени во простории кои заеднички ќе ги договорат со директорите на установите и нема да ги извршуваат своите воспитно – образовни и згрижувачки дејности. Апелирам до Владата што побрзо да не повика на разговори и што побрзо да најдеме взаемно прифатливо решение и да почне редовната настава. Во спротивно целата одговорност зошто учениците немаат основно загарантирано право на образование ќе падне на ресорните министерства и на Владата“, рече Неделков.
Тој нагласи дека СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но нема да изведува воспитно – образовна и згрижувачка дејност и ќе биде во штрајк, а одговорноста за обезбедување минимум услови за функционирање на установите, како и за прифаќање на децата, како што кажа, ќе имаат директорите.
„Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат, да згрижуваат и да воспитуваат деца. Покрај тоа, времено ќе бидат одложени и евентуалните наставнички совети, родителски средби, полагање на стручни испити, домашни, регионални, градски и државни натпревари на ученици и се што е поврзано со воспитание и згрижување на деца. Немаме никаква одговорност ако децата дојдат на училиште или во градинка врз основа на згрижување, воспитание, образование и храна. Ние ќе бидеме во посебни простории. За таа намена можат да се употребат вработени кои евентуално нема да штрајкуваат по разни основи“, појасни Неделков.
Очекува, како што кажа, во текот на денешниот ден или најдоцна до утре да има средба со одговорните за да не прерасне штрајкот на СОНК во многу поголем и масовен штрајк во државата, бидејќи, посочи, и другите грански синдикати најавуваат порадикални мерки.
Одлуката за штрајк доаѓа откако по неколкуте средби со ресорните министерства и Владата не се договорија за исполнување на нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти. Ова барање е со цел усогласување со порастот на минималната плата во државата од 15.199 на 18.000 денари што веќе стапи на сила.