Home » Почна собраниската расправа по предлог-измените на Законот за градење

Почна собраниската расправа по предлог-измените на Законот за градење

by Журнал.мк

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предупредија „законот за градење да не се претвори во закон за крадење“ и го повторија ставот дека во однос на коридорите 8 и 10д се носат брзи и непромислени решенија преку злоупотреба на европското знаменце, со комплетно прескокнување на процедурите, нетранспарентно и со исклучување на стручната фела од дебата. Нивните колеги, пак, од владејачкото мнозинство, се децидни дека економичноста и ефикасноста на изградбата се основа на предложените закони.

Прв за збор се јави Јован Јаулески кој прочита и дел од забелешките на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

-Комората укажува дека објектите од стратешки интерес мора да ги поминат сите инженерски експертски филтри. Во секоја нормална држава вакви закони би оделе прво во матичните комисии каде би учествувале и стручни лица за да се донесе најдобро можно решение. Ниту Груби, ниту Ковачевски ги градат коридорите со пари од свој џеб за да ги оштетуваат граѓаните со вакви брзи, непромислени решенија. Не ја наметнувајте тезата дека ВМРО-ДПМНЕ е против изградба на коридорите. Злоупотребата на европското знаменеце и излегувањето надвор од законските надлежности се кривични дела и за тоа еден ден ќе одговарате. Има многу, безброј забелешки, но времето не ми дозволува да ги кажам, истакна Јаулески.

На ова реагираше заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, отфрлајќи го како неточно она што го кажа Јаулески.

-Не е точно ова што го кажа пратеникот, измените на Законот нема да го нарушат процесот на градање. Напротив, ќе го направат побрз и поефикасен. Сите одредби за градење остануваат исти. Ова е предлог за ефикасност во изградбата на патната инфраструктура. Во последните 32 години се изградени 186 километри автопат или 5,8 километри годишно, додека со оваа методологија што ја предлагаме се планира изградба на 23 километри годишно, нагласи Реџепи.

Реплицираше и Жаклина Лазаревска од СДСМ.

– Знаете дека изградбата на коридорите е од клучно значаење. Се понадевав дека ќе го смените вокабуларот по упатените пораки од американската амбасадорка и по склучените меморандуми склучени со ЕУ, но очигледно не сте ја разбрале пораката. Од говорница станувате и обвинител и судија и извршител, но вие сте пратеник. Со заканите од говорница за некакви злоупотреби, како да ја земате правдата во свои раце или собирате само дневно-политички поени. Ова што се гради е во интерес на сите македонски граѓани, подвлече Лазаревска.

На почетокот на седницата беа разгледани Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за меѓународни изложби, потпишана во Париз на 22 ноември 1928 година, изменета и дополнета со Протоколите од 10 мај 1948 година, 16 ноември 1966 година и 30 ноември 1972 година и дополнувањата од 24 јуни 1982 година и од 31 мај 1988 година, како и Предлог-законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија за делегирање на услуги во воздушниот сообраќај на дел на воздушниот простор над Охридското Езеро.

Покрај пакетот законски измени поврзани со изградбата на коридорите, меѓу кои е и Законот за градење, на дневен ред на седницата се и законите за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување и на Законот за фитофармација, Законот за основање на државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите, сите по скратена постапка.

Меѓу другите точки на оваа седница се и законите за изменување и дополнување на Законот за облигациските односи и на Законот за извршување, Предлог законот за академија за судии и јавни обвинители и Информацијата за состојбата во Судскиот Совет па Република Македонија.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk