Злате Лозановски
Суштинската тема е не колку нè има, туку колку и зошто нè снемува од едно до друго пребројување. Но, и овој пат таа дебата ќе биде одложена во корист на пребројувањето на жртвите од специјалната операција против признавањето на резултатите од пописот. Очигледно не сме токму, без разлика колку сме.
Тргна специјалната операција, која наскоро, според сите пресметки, ќе прерасне во војна против пописот. Поточно, против резултатите од него. Активирани се системите за рано предупредување, се стројат партиски војници, се регрутираат експерти за нагаѓања и за прецизни претпоставки, се нудат платени волонтери, се пријавуваат разни доброволци за ширење страв и недоверба… Сите тие елитни единици за брзо распоредување во јавниот простор ги бројат последните денови пред да го зададат завршниот удар на 30 март. Општо врз државата и посебно врз Државниот завод за статистика. Тогаш оваа институција од посебен (политички?) интерес треба – во зградата на Филхармонијата – да ги објави резултатите од пописот направен пред шест месеци, прв по пауза од дваесет години. Да ги каже бројките во кои сите тие „специјалци“ не веруваат, како што не веруваа уште пред да почне попишувањето. Уште повеќе – повикуваа на бојкот, се бореа до последно да ја нема, да се одложи операцијата. А, кога нешто ќе почне со тешки резерви, сомнежи и со деструктивни претпоставки, тогаш шансите да заврши успешно се бројат на еден (среден) прст од едната рака.
Пописот, пребројувањето на населението и на јавните добра секаде, во секоја цивилизирана држава, се прави на секои десет години, а се води како најважна статистичка операција за нормалното функционирање на системот и за планирање на развојот на земјата. Но, кај нас, ако не е до крај хармонизирана со очекуваните резултати, таа автоматски се претворa во casus belli, во клучна причина поради која се објавува или се води војна – етничка, политичка, расна, секаква.
Првата пушка „ја фрли“ директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски со изјавата: „Наредните месец дена ќе бидам државен непријател, но ние не сме џубокс за исполнување желби, туку треба да направиме реална фотографија за населението“. Лесно беше да се претпостави дека со ваква порака ќе може само да се слика. И, почна пукањето, и по него и по пописот. Почна да се врти старата песна, онаа од времето кога џубоксот сè уште беше во употреба. Првиот вицепремиер, Артан Груби, прв изрази „жалење“ од изјавата на Симовски и, веројатно со цел да ја смири јавноста, само додаде масло на огнот. Рече дека нема потреба никој, ниедна етничка заедница, да се секира – сите ќе бидат задоволни, сите ќе бидат толку колку што се. Нежно речено, никој не знае од каде го знае тоа Груби.
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, кој ги кажа бројките уште пред да се одржи пребројувањето, сега само ги повтори. Но, за разлика од Груби, тој е крајно незадоволен од нив, неговата партија го прогласи пописот за нелегитимен и затоа нема да ги признае резултатите. На пример, неговиот приватен попис покажал дека непопишани останале околу 300.000 граѓани, дека околу 80.000 лица, кои ги има во базата на МВР, не се евидентирани на државниот попис. Затоа партијата поднела и кривична пријава за раководните лица на Заводот.
Постојат сериозни индиции граѓаните да не веруваат и да не ги признаат бројките од пописот, кои ќе бидат објавени за една недела. Кога вакво нешто ќе каже социолог како Илија Ацески – за кој знаеме дека е во пензија, а не во партија – тогаш навистина постојат сериозни индиции дека се креира таква атмосфера во која веќе никој не ќе може да верува во ништо и во никого, не само во пописот.
Но, не се сите такви. Специјалистот за статистика, поранешен директор на Заводот, Дончо Герасимовски, на пример, е презадоволен што по 20 години се спроведе успешен попис во земјата: „Од 2011 година наваму, во повеќе од илјада настапи барав да се спроведе попис поради потребите на државата, со цел да се добијат показатели што ќе бидат од корист за бизнисот, за образованието, науката…“ Нашол кому да каже.
Од она што е официјално соопштено, се знае дека се попишани вкупно 1.832.696 лица. На претходниот имало 2.022.547. Има разлика! Е, таа треба да биде суштинската тема. Не колку нè има, туку колку и зошто нè снемува од едно до друго пребројување. Но, и овој пат таа дебата ќе биде одложена на неодредено. Во корист на пребројувањето на жртвите од специјалната операција против признавањето на резултатите од пописот. Очигледно не сме токму, без разлика колку сме.