14.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

Почна кампањата за Локалните избори

Најчитани вести

Со ветувања за одговорно управување, подобра иднина и поставување на интересите на граѓаните на прво место, почна кампањата за Локалните избори.

Со пораки за одговорно и отчетно управување, создавање подобра иднина, единство без разлика на етничката припадност и поставувањето на интересите, потребите и барањата на граѓаните на прво место, политичките партии вчера официјално ја започнаа кампањата за Локалните избори закажани за 17 октомври.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев од предизборниот собир во Битола порача дека власта четири години поставува стандарди на одговорно и отчетно управување со државата, ја развива земјата на меѓународен, а општините на домашен план.

– Го унапредуваме квалитетот на животот. Расте животниот стандард. Земјата заедно ја поставивме на вистинскиот пат, патот е прав. Конечно тргнавме напред, посочи Заев. Тој уште еднаш ја потврди владината поддршка за локалната самоуправа која, како што рече, е континуирана.

– За предизвиците на централно ниво најдовме решение за клучните прашања, а тоа отвори простор многу пофокусирано да се посветиме на предизвиците на локално ниво. Од централниот буџет обезбедивме средства да ги раздолжиме општините. 50 милиони евра не за споменици, туку да ги направиме општините да бидат поефикасни. Како никогаш досега се инвестира во општините. Со СДСМ на локално ниво ќе продолжи развојот на општините, тие ќе продолжат да работат одговорно, отчетно и транспарентно во интерес на граѓаните, нагласи Заев.

Заев истакна дела разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е огромна и затоа коалицијата предводена од неговата партија ќе победи на локалните избори.

– Ќе победиме затоа што сите знаат дека ВМРО ДПМНЕ, ваква нереформирана, прорежимска, на овие избори не е воопшто подобна. Христијан Мицкоски се одлучи и на некрофилски политики, иако со нив повредува и загрижува луѓе. Покажа незрелост со тоа што нема став по ниту едно државничко прашање и за се е против. Со ВМРО-ДПМНЕ ќе има повторна кавга дома, кавга со соседите и повторно проблеми, ретроградни процеси и разочарувања. Тоа никому не треба и затоа огромна е разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ ја донесе транспарентноста и отчетноста на највисоко ниво, истакна Заев.

Од друга страна лидерот ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од предизборен собир во Охрид порача дека „народот на претстојните избори достоинствено ќе и покаже на власта дека нема да дозволи повторно да биде излажан”.

– Да создадеме сите заедно една нова поинаква различна подобра иднина. Иднината ако продолжи оваа власт јасно е каква ќе биде. Да си одговориме на прашањето дали сме подготвени да им подариме уште нови четири години на истите луѓе кои веќе двапати брутално ги изневерија очекувањата, не го држеа зборот, даваа лажни ветувања. Вие сте тие коишто знаат да оценат што е најдобро, а што не е. Треба да се направат промени во однесувањето на сите во државата и да се создаде една нова поинаква, подобра иднина за сите. Иднина на развој, просперитет, напредок, подобар живот, иднина на промени, проекти и победи, рече Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните да донесат, како што рече, вистинска одлука за себе и своите семејства, за иднината што ја сакаат и заслужуваат, да покажат дека се „за нова иднина во која татковината Македонија ќе биде нормално, убаво место за живеење”.

– Време е за нова страница, за нова борба, за нов патриотизам којшто ќе не обедини леви и десни од сите националности и вери. Ви зборувам за држава која нема да се задоволува со ситни победи, туку со крупни успеси и големи чекори напред. Да ги надраснеме поделбите, да ги срушиме ѕидовите… Оваа борба е заедничка, победите ќе ни бидат заеднички. Сите од сите краеви се обединуваме во нова чиста заедничка цел, а тоа е напредокот, тоа е иднината, тоа е успехот. Зборувам за победи кои земјава ќе ја однесат меѓу најдобрите во Европа. Македонија е Европа и нема алтернатива од тој пат. Македонија е победник, Македонија е успешна приказна затоа што ние друга опција и татковина немаме. Ова е тоа единственото за кое што се бориме и живееме, рече Мицкоски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети од собир во Гостивар порача дека неговата партија под мотото „Одбери живот, гласај зелено” и овој пат има понуда која ќе им биде од корист на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.

– Работиме посветено за да ја направиме земјата подобра од вчера. Да имаме почиста животна средина, поздрав живот. Така, на 17 октомври не само оние што гласаа за ДУИ, така и сите граѓани, не само Албанци, туку и Македонци, Турци, Бошњаци, Срби треба да гласаат за агенда која е смела и го штити здравјето на сите. Ние ја имаме најдобрата понуда, подвлече Ахмети.

Тој нагласи дека ДУИ нуди платформа за „зелена агенда, агенда за живот”, која бара знаење, внимание, експерти, а најави и натамошните планови, кои ги нарече задачи што треба да се завршат, како проверката (ветингот), судските реформи, борбата против корупцијата и криминалот. Зборувајќи за надворешната политика и актуелните состојби лидерот на ДУИ нагласи дека како што бил решен проблемот со Грција, така ќе се реши и проблемот со Бугарија.

На стартот на изборниот караван на движењето „Одлучно за промени”, водено од ДОМ и ЛДП, на собир во Скопје, лидерката на ДОМ, Маја Морачанин порача дека е време е да престане бетонизирањето на секоја слободна површина во градовите, да се понуди чист воздух, да се поттикне органското производство на храна, да се вложува во развојот на еко-туризмот и дигитализацијата на општини, бидејќи и ние и поколенијата коишто доаѓаат по нас сакаат да живеат во модерни современи средини.

Таа нагласи дека нивното Движење навистина е одлучно во сите општини да донесе промени за кои „сите мечтаеме и кои ни се на сите нас потребни, за да можеме да имаме еден здрав, квалитетен живот, да гледаме среќни луѓе на нашите улици”.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски посочи дека направиле една моќна политичка групација на силни индивидуи, интелектуалци, луѓе кои размислуваат со сопствената глава.

– Сакаме граѓаните да бидат на прво место, нивните интереси, потреби и барања. Сакаме да живееме во места кои ќе зрачат со топлина и светлина. Места во кои ќе има зелени паркови и детски катчиња, места каде нема да има загаден воздух, застој во сообраќајот, гужви на шалтерите. Сакаме градоначалници кои водат грижа за нашите возрасни граѓани, за пензионерите. Сакаме да направиме општини каде нема да мора да фаќате врски да запишете дете во градинка, каде нема да ви требаат врски да најдете место во старски дом. Општини кои ќе овозможат нашите идни генерации да спортуваат и да водат здрав живот, нагласи Милевски.

Според досегашните најави, коалицијата предводена од владејачката СДСМ денеска ќе го продолжи изборниот караван „Најдоброто за мојата општина” со собир во Петровец. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, денеска под слоганот „Создади нова иднина!” ќе ја претстави својата изборна кампања во Вевчани, Дебарца, Струга и Ресен. Демократската унија за интеграција (ДУИ) својата програма за претстојните локални избори ќе ја презентира пред граѓаните во Тетово, а Движењето „Одлучно за промени” на ДОМ и ЛДП во Виница и Берово.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com