23.8 C
Skopje
Tuesday, July 27, 2021

Почна вакцинацијата со Спутник, се очекуваат сеуште вакцини

Најчитани вести

Во скопската поликлиника „Јане Сандански“ вчера почна вакцинацијата со руските вакцини „Спутник В“. До вчера попладнето беа вакцинирани околу 120 лица. Во исто време продолжи и ревакцинацијата со вакцините „Фајзер“. Во меѓувреме вчера беа регистрирани нови 913 случаи на Ковид-19 од направени 3.707 тестирања. Шеснаесет лица починаа, а оздравеа 351 пациент.

Согласно податоците од вчера, на инфективните оддели во земјава се лекуваат 917 пациенти со Ковид-19 и има околу 290 празни болнички кревети во ковид-центрите. До вчера вкупно 350 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекува на инфективните оддели во главниот град, според вчерашните податоци на МЗ.

Во државава до вчера се направени вкупно 551.917 тестирања. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 109.262. Бројката на оздравени пациенти е 96.173, на починати 3.244, а бројот на активни случаи изнесува 9.845.

Во текот на вчерашниот ден, по објавата на текстот во десничарскиот италијанскиот весник „Ла Верита“ со наслов „Битка помеѓу Кина и Русија за Балканот“, се отвори прашањето за набавката на кинеските вакцини за земјава. Премиерот Зоран Заев ги отфрли обвинувањата за незаконско дејствување во однос на набавките на вакцина против Ковид-19 од кинески „Синофарм“. Тој рече дека за набавката на вакцините се одело преку приватни фирми, во случајов и преку „Пауер Чајна“, а нарачката е направена преку Кинеската амбасада и МНР на Кина на барање на властите во Пекинг.

Заев негираше какви било лоши намери или незаконско дејствување и оти во овој период правеле напори да се набават вакцини час поскоро.

– Во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали како што очекуваат нашите граѓани, час поскоро. Јас, а и министерот за здравство ја информираше јавноста дека по две недели чекање на активности на Кинеската амбасада, ние директно преку „Синофарм“ не можевме да добиеме контакти и дадовме нарачки преку приватни компании кои МНР не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку Кинеската амбасада, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со пишувањата на весникот „Ла Верита“.

Секоја земја, додаде Заев, прави напори и ние истовремено, покрај официјалните преку амбасадите, имаме испратено писмо за намери и преку десетина приватни компании од Австрија, Велика Британија и САД.

– Секако нарачките што сме ги правеле, во конкретниот случај со Кина, се со потврда и писма на „Синофарм“ со сите документации регулирани. Донесени се сите неопходни одлуки, но на крајот се одлучи дека треба да одиме преку Кинеската амбасада, преку МНР на Кина, за да може да се реализира самата количина од 200.000 вакцини кои се нарачани. Во првиот случај имавме и потврда на Министерството за здравство на Кина, но сепак ги почитуваме дипломатските ставови на пријателска НР Кина и затоа нарачката е сега преку Амбасадата и МНР на Кина, рече Заев.

Тој појасни дека Владата правела нарачка и преку приватни компании.

– Да, сме правеле нарачка и јас кажав ни помогна во целата нарачка „Пауер Чајна“, која е мајка компанија на „Синохидро“, која ги гради патиштата во Северна Македонија. Друга кинеска фирма и не работи во моментов на инфраструктурата, „Пауер Чајна“ е еден од деветте кандидати за Чебрен. Џиновска компанија во државна сопственост на Кина. И од таму се обидувавме покрај од Амбасадата, изјави Заев.

А пратеникот Антонио Милошоски го повика премиерот Заев да каже која е фирмата во Хонг Конг, по написите во „Ла Верита“.

– Нашето главно прашање е денес кое е името на фантом фирмата која што е регистрирана во Хонг Конг и како Министерството за здравство ја одбрало токму оваа компанија за да посредува при набавката на кинески вакцини, праша Милошоски.

Милошоски додаде дека весникот „Ла Верита“ објави оти првиот пат Кина одбила соработка со Министерството за здравство и со македонската Влада поради фактот што, според него, министерот за здравство побарал таа набавка да биде преку сомнителна компанија.

Досега во земјава пристигнаа 8.000 вакцини на „Фајзер“ како донација од Србија, и 3.000 руски вакцини „Спутник V“.

Компанијата „Фајзер-Бионтек“ во 2021 година на Северна Македонија ќе ѝ испорача 800.280 дози вакцини, а испораката ќе се одвива во четири квартали. Првата достава ќе биде овој месец, при што ќе бидат испорачани 21.060 дози вакцини.

Втората доза од руските вакцините би дошле во земјата најдоцна за три недели, но интензивно се разговара за пристигнување и на поголемо количество од првично предвиденото. Од „Спутник V“ се нарачани 200.000 дози.

Премиерот Заев завчера рече дека државава има нарачано околу 2 милиони и 350 илјади вакцини и оти се очекува од крајот на месецов да почнат да пристигнуваат поголеми количини.

– Ако е проценката за еден милион граѓани да се вакцинираат во државата, тоа значи 2.000.000 вакцини, во моментот имаме платено 2.350.000 вакцини заедно со оние 800.000 нарачани од „Фајзер“, 800.000 нарачани по „Ковакс механизмот“, 200.000 имаме од Кина, 200.000 од „Спутник V“, имаме дополнително од ЕУ некои 250.000, сите кога ќе ги соберете доаѓаат 2.350.000 и очекуваме наскоро да пристигнат, рече премиерот.

За вакцинација против Ковид-19 до завчера беа пријавени 130.463 граѓани од кои 76.990 преку веб-страницата vakcinacija.mk, а 53.473 преку матичните лекари. Од вкупно пријавените за вакцинација 61.908 граѓани се на возраст над 70 години.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести