Роден во кочанското село Нивичани, Насев беше меѓу основоположниците на македонското борење, поранешен борач и тренер на локалниот клуб „Спартак“, а потоа и селектор на репрезентацијата во поранешна Југославија.
Насев, по осамостојувањето на земјата, беше долгогодишен македонски селектор, како и спортски директор на националниот тим во борење слободен стил за време на Игрите 2000 во Сиднеј кога Могамед Ибрагимов му го донесе на македонскиот спорт првиот олимписки медал, освојувајќи го бронзеното одличје.
Сите бројни успеси на повеќе генерации македонски борачи се поврзани со работата на Насев, за која многу пати беше наградуван од Светската боречка федерација (ФИЛА) и од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) како и други врвни спортски и општествени организации.
Насев беше долгогодишен инструктор на ФИЛА и директор на голем број светски семинари, а во улога на селектор и спортски директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК) беше учесник на десет летни и зимски олимписки игри.
Во 1997 година Насев стана првиот член на Клубот на великани на МОК, а во јуни оваа година шефот на државата Стево Пендаровски го одликува со „Медал за заслуги“ за неговиот огромен придонес во афирмацијата на македонскиот спорт и држава.