Ване Богдов (62), познат бизнисмен и долгогодишен сопственик на конфекцијата „Вабо“ вчера почина во Штип.
Богдов најверојатно починал од срцев удар, откако паднал при вечерна прошетка во центарот на Штип. Речиси во истиот миг на местото се нашол студент по медицина од Турција кој го реанимирал и успеал да му го поврати пулсот. Бргу бил пренесен во болница, но не преживеал.
Пред две години Богдов ја даде својата фабрика „Вабо“ на користење на работниците за тие да управуваат со неа преку избран менаџмент составен од искусни конфекционери и квалитетни инженери.
„Неговите совети беа драгоцени, помошта што ни ја пружаше беше неизмерна. Ни даваше идеи како да ја пребродуваме општата економска криза и како да се справуваме со високите цени на енергенсите. Од него научивме многу, но неговото присуство и неговите предлози секогаш ќе ни недостасуваат. Сите вработени сме во шок. Во знак на почит фабриката ‘Вабо’ денешниот и утрешниот ден ги прогласува за денови на жалост и фабриката нема да работи“, вели менаџментот.
Богдов беше познат хуманист, стопанственик, добитник на признанието Свети Никола, а на градот му ја остави и уникатната црква „Свети Константин и Елена“.