Постојано порамнување на сметките

Share on facebook
Share on twitter
Share on whatsapp
Share on google
Share on linkedin
Share on email
Share on print

Италијанскиот весник „Ла Верита“, пишувајќи за настаните врзани со нивната компанија за набавка на опрема за скопскиот аеродром заклучува дека аферата е дел од „постојаното порамнување на сметките помеѓу власта и опозицијата“. Тоа, заклучува весникот со предупредувачкото име „Вистина“, го карактеризира животот на оваа држава сместена во геополитичкото срце на Балканот.

Постојано порамнување на сметките, всушност, е наш национален белег. И не само во државните структури. Си спомнувам дека во четириесет години академска кариера на Правниот факултет во Скопје, не се зафативме со ништо сериозно во науката и образованието затоа што главната карактеристика на нашето „академско“ живеење беше порамнување на сметките помеѓу, барем, две групи. Кај старите волци, моите професори, имаше и некакво достоинство, но по доаѓањето на мојата генерација на власт и достоинството се загуби во вечното порамнување на сметки.  Кога, како стипендист на Фулбрајт, станав виситинг професор на еден универзитет во Америка, прашав тамошни луѓе има ли конфликти меѓу професори кои ја парализираат работата на институцијата. Одговорот беше дека конфликти, како и секаде меѓу човечки суштества, има, но дека едната страна се повлекува продолжувајќи ја кариерата на друг универзитет.

Проклетство на малата средина, си реков, мислејќи на Македонија каде нема каде да се бега, па кога двајца во еден колектив ќе се фатат за гуша, се дават до пензија. Таквите конфликти, пак, предизвикаа децениски блокади на вредни иницијативи насочени кон подобрувањето на образованието на идните судии, адвокати и административци, кои се такви какви што се и благодарејќи на нашата немоќ пред овој деструктивен порив: постојаното порамнување на сметките.

Ако поединци се однесуваат така, тогаш можете да ја замислите жестината на конфликтот кога се во прашање политички групи какви што се партиите. Во толпа, луѓето добиваат страшна сила. Еве денес, во еден пресуден момент за нашата држава, водачот на нашата опозиција ги нарушува односите со владата и со претседателот. Опозицискиот водач изјавува дека со владата нема да соработува на заедничкиот план за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ во октомври, туку самиот ќе работи на тоа преку сестринските партии.

Со претседателот соработка е исклучена додека тој јавно не се извини за својот став кон Гоце Делчев!? Ова поведение е уште еден доказ на логиката „Што полошо за државата, тоа подобро за нас на наредните избори“, игра која нашите партии ја играат од 1991 година наваму. За странските набљудувачи, пак, ова е само доказ дека македонскиот политички систем не може да произведе минимум единство за демократска и правна реформа. Навистина, зарем токму сега, пред октомври, е вистинското време за порамнување?

Се работи, секако, за нашиот менталитет. Менталитет кој не се менува ни за четириесет години, а камоли за четири месеци (до октомври). Зарем токму сега ни е потребна аферата со генералниот секретар на владата? Наспроти сето она што ни се случи, наспроти толку зборувања и пишувања никако да ја научиме лекцијата на Патрик Мојнихан, професор на Харвард и долгогодишен сенатор, дека политичкиот систем на една држава треба да биде дизајниран според темната страна на човековата природа: онаа која лаже и краде.

Сите на кои им е доверена моќ да располагаат со нашите пари и нашите животи се потенцијални крадци и измамници, вели Мојнихан. Но, ниту една партија не може сама да гарантира правда ако отсуствуваат механизми за нејзина контрола. Отсуството на свест за контролирана и отчетна власт, како систем кој посветено го градат сите партии, пак, значи катадневни афери и бескрајно  порамнување на сметките.

Колумната е објавена во Инбокс 7.

Ж.А.

Оставете коментар

Актуелно

@2019 – Новинска агенција ЖУРНАЛ. Сите права се задржани.

Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.