8.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

Последната пушка

Најчитани вести

Лично не сакам ниту еден државник на Бугарија да клечи за прошка, нити сметам дека денешната генерација Бугари е за било што виновна, особено за делата на нивните предци од пред две-три генерации. Но исто така не сакам моето дете да учи дека во периодот 1941-1945, тука имало некаква безимена администрација.

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

Денес ( или на денот кога ја предадов колумнава, сеедно) беше еден од најсветлите македонски празници, кој не е од религиозен карактер, единаесетти Октомври- Денот на почетокот на народното востание против бугарскиот, италијанскиот и германскиот фашистички окупатор, но предоминантно бугарскиот, кој и го добил на “администрирање” Вардарскиот дел од Македонија.

Шеснаесетина партизани, поделени во три групи на 11 октомври 1941 година вршат напад на Прилепскиот участок, како прв акт на вооружен отпор на македонскиот народ, тогаш воден од Комунистичката партија на СФРЈ, но не и идеолошки ограничен на неа. Мора да се потенцира дека во моментот на првиот атак, Германија и нејзините сојузници, како Бугарија, изгледаа непобедливо.

НН ОКУПАТОР

Под нозе ја имаа цела континентална Европа, кампањата во Русија до тој момент за нацистите одеше одлично, а Македонија беше пред своето “преображение” односно “враќање на бугарските корени”. Ослободување, де. Но, мала група партизани, дел од поголема организација на народноослободителната борба, не сакала така лесно да се помири со новиот нацистички поредок.

Би било интересно тогаш да биле живи денешните глобалисти за да посведочиме како не убедуваат дека Наци Германија е семоќна и како не смееме да даваме отпор на машината која меле се пред себе. Југословенските партизани, меѓу кои и македонските, како ноторни герилци и диверзанти држеа врзани дваесет и седум дивизии на Вермахтот и можеби беа клучот за шест недели доцната инвазија, и со тоа спас на Советскиот Сојуз од рана капитулација.

Денеска, тие луѓе се паметат како востаници кои се кренале против НН ( во правниот вокабулар НН значи непознат) окупатор, пардон администратор, или само фашист, без етнички бекраунд чунки тоа го навредувало соседот Бугарија. Ниеден народ не смее да сноси колективна вина за делата на своите предци, и за тоа мораме принципиелно да се бориме. Ниту Германците, чиј режим ги изврши најстрашните злосторства некогаш, не се жигосани како ентитет, туку е жигосан нивниот режим.

БРАНТ ПОБАРА ПРОШКА

Но на Вили Брант никогаш не му текна да измислува дека Германците, кои ја окупирале Полска и цела Европа, не се Германци. Дури и се клечеше за прошка во Полска пред педесетина години. Лично не сакам ниту еден државник на Бугарија да клечи, нити сметам дека денешната генерација Бугари е за било што виновна, особено за делата на нивните предци од пред две-три генерации. Но исто така не сакам моето дете да учи дека во периодот 1941-1945, тука имало некаква безимена администрација.

Мојот дедо по татко беше партизан. Дури земаше и боречки додаток од десет проценти плус на пензија, кој со задоволство го чекавме со братучедите. Мобилизиран е на свои седумнаесет години, во 1944 година, и Германци не видел со очи. Се борел против балисти и четници, или нивните остатоци. Но многу добро ги памтеше зулумите на администраторите и ги прераскажуваше.

Не е поентата дали на единаесетти Октомври пукнала првата пушка. Поентата е како македонскиот народ се научил да коленичи пред окупатори, голема е веројатноста дека тоа ќе биде и последната пушка.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com