Рокот кој Македонски железници Инфраструктура сами си го дадоа за ремонт на железничката пруга од Велес до Кадина Река, нема да се испочитува. Иако во најавата беше дека за две седмици, од 26-ти јуни до 10-ти јули ќе се изврши реконструкција на оваа делница, тоа не се случи. Причина за одлагањето биле високите температури.
„Ремонтот на пругата Велес-Кадина река не е завршен од причина што не дозволуваат временските услови. Поради високите температури не можат да се менуваат прагови и шини, бидејќи може да дојде до проширување на колосекот. Ремонтот ќе продолжи штом ќе дозволат временските услови и во период од неколку месеци ќе се оспособи пругата за поголеми брзини“- соопштија од ЈП МЖ Инфраструктура.
Реконструкција на оваа делница беше неопходна поради тоа што е констатирано дека истата е небезбедна за железнички сообраќај со големи брзини. Поради ова сè уште важи одлуката за ограничување на брзината од 20 км/ч на дел од пругата Кадина Река – Велес. Од почетокот на месец јули Македонски железници АД транспорт, укина десет железнички постојки-стојалишта. Причината е што нивната анализа покажала дека многу мал број патници ги користат за патување.
Доколку има патници кои сакат да се превезат до некое од овие стојалиште, каде повеќе не сопираат патничките возови, требало да поднесат писмено барање, по што ќе се одлучи дали возот таму ќе сопре или не.