31.8 C
Skopje
Saturday, July 24, 2021

Полковник Ковачки казнет шест месеци со по 30 проценти од плата поради закана кон началникот на ГШ генерал-потполковник Ѓурчиновски

Најчитани вести

„Долга е раката на ВМРО“ е заканата на полковникот Драган Ковачки, кој е и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, кон началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија Васко Ѓурчиновски преку вибер комуникација на која покрај заканата, клеветел и обвинувал. Пред еден месец, од како Ковачки поднесе кривична пријава против министерката за одбрана Радмила Шекеринска, таа на својот фејсбук профил напиша дека против полковникот Ковачки се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на Генералштабот на Армијата.

Од Министерството за одбрана за МИА информираат дека Ковачки добил дисциплинска мерка шест месеци пониска плата за 30 отсто. Главната военодисциплинска комисија предложила најстрога дисциплинска мерка – губење чин, која предвидува престанок на работниот однос.

– Министерката Шекеринска, водејќи се по начелото на сразмерност на казната со вината, ја оцени оваа мерка за престрога. Со оглед утврдената вина од Воено дисциплинската комисија за однесувањето на полковникот Ковачки, началникот на Генералштабот како надлежен старешина ја донесе и спроведе следната пониска дисциплинска мерка, а тоа е  парична казна во висина од 30 проценти од едномесечниот износ на платата исплатена во последниот месец, во траење од шест месеци, велат за МИА од Министерството за одбрана.

Главната военодисциплинска комисија, по иницијатива на началникот на ГШ, расправала за утврдување на дисциплинска одговорност на полковник Драган Ковачки по три основи. Поради испратена порака преку Вибер до началникот на Генералштабот во која изнел закани, клевети и обвинувања, политички пост на Фејсбук профилот на полковникот Ковачки во кој изнел неосновани обвинувања за врховниот командант на Армијата, претседателот Пендаровски и поради јавните настапи на полковникот при што тој не ги почитувал насоките од Правилото за односи со јавноста на Армијата, усвоено во 2016 година.

– Главната воено дисциплинска комисија ја заврши постапката за утврдување одговорност и до министерката Шекеринска упати предлог за изрекување на дисциплинска мерка. По спроведената постапка Главната воено дисциплинска комисија утврдила вина на полковникот Драган Ковачки за сторени повредни по членот 131 став 2 точка 13, 17, 22, 28 и 31 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија. Еден од основите за кој е утврдена вина е и точката 13 од наведениот член и став, „повреда на достоинството и авторитетот на претпоставен и постар“, бидејќи упатена е закана од полковникот Драган Ковачки кон началникот на Генералштабот, која гласи – „долга е раката на ВМРО’, информираат од Министерството за МИА за причините и одговорнота на Ковачки за дисциплинската постапка.

Меѓу останатите основи по кој е утврдена вина се и „непочитување на редот и дисциплината пропишани со правилата за ред и дисциплина “, „постапка со која секогаш и на секое место, без оглед дали се во униформа или не, воениот и цивилниот персонал не води сметка за своите постапки, непримерно се однесува, не ја репрезентира Армијата и не го чува угледот и достоинството на Армијата“, како и „постапување спротивно на правилата и прописите за вршење воена служба и овој закон“.

Од Министерството за одбрана за МИА велат дека тие и Генералштабот на Армијата покажале дека целосно ги почитуваат сите законски одредби, но во исто време дека истото го очекуваат и од страна на армиските старешини. 

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести