21.8 C
Skopje
Saturday, October 1, 2022

Полицијата ја „брани“ слободата на информирање

Најчитани вести

Од: Ана Анастасовска

Владата треба сериозно да се заложи за слободата на изразување, а не само паушално и во еуфорија да дава изјави дека се грижи за новинарите. Владата не смее да дозволи нејзини вработени да се однесуваат своеволно и да ги нарушуваат нејзините принципи на работа. Има уште многу да се работи за да може во Македонија да се зборува за слобода на медиумите.

Македонија годинава се најде на 57. место на Светскиот индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници, со што забележа скок од 33 места од 2021. Ова е веста што пред две недели беше повод Владата да се испофали како во Македонија напредувала слободата на медиумите и новинарското изразување.

По само две недели стигна уште една вест, овој пат честитка за новинарката Соња Делевска од дигиталната редакција СДК.мк. Вооружени полицајци ѝ дошле на врата за да ѝ достават покана за службен разговор во врска со поплака од вработена во Министерството за правда. Таа била вознемирена од новинарското известување на Делевска, што се одразило врз нејзиниот углед и нејзиното здравје. Замислете, некоја службеничка во Правда, за која пишувала Делевска, но не ја спомнала ниту со име ниту со иницијали, се пронашла во текстот на новинарката и отишла во полиција да ја пријави. Полицајциве, иако ненадлежни да постапуваат, бидејќи станува збор за граѓанска постапка, одлучиле да ѝ ја исполнат желбата на службеничкава. Уф, што убаво така да имаш на располагање фини полицајци што ти исполнуваат желби. Замислете си само, да ве изнервира некој новинар поради нешто што напишал, да се вознемирите, да одите да пријавите во полиција и полицајците онака вооружени да му отидат на врата на новинарот. Тоа е таа атмосфера што нè крева нагоре на скалата на Светскиот индекс на слобода на медиумите.

Ова е прв случај за напишан текст МВР, иако не е надлежно, да повикува новинар на разговор. Па, добро, за сè има првпат. Само да не им стане навика.

Со реакција веднаш се јавија Новинарскиот синдикат и Здружението на новинари, кои остро ја осудија ваквата постапка на полицијата и побараа од МВР да спроведе внатрешна истрага. МВР одговори дека истрага ќе има. Да се надеваме само дека истрагата нема да остане заборавена или дека ќе се погодат полицајците нечии другарчиња или политички партнерчиња, па сè да се забошоти. Бидејќи во нашава држава се така бидува. Каков закон, какви бакрачи, ако имаш пријател на вистинското место.

И така, таман во оваа наша држава ќе се израдуваме дека нешто тргнало на арно, веднаш избива на површина некој инцидент како со службеничкава и сите заложби и желби паѓаат во вода. Не знам и тие полицајци што одлучиле да ѝ ја исполнат желбата што размислувале во тој момент? Ајде, ќе ѝ одиме на врата на новинаркава, ќе ја заплашиме малку и никому ништо. И волкот сит и овците на број. Не ли очекувале дека редакцијата во која е вработена Делевска ќе реагира јавно? Не ли очекувале дека новинарите колеги на Делевска, кои се гласот на јавноста, ќе го кренат гласот и за овој недемократски чин и обид за нивно замолчување?

Владата треба сериозно да се заложи за слободата на информирање, а не само паушално и во еуфорија да дава изјави дека се грижи за новинарите. Владата не смее да дозволи нејзини вработени да се однесуваат своеволно и да ги нарушуваат нејзините принципи на работа. Има уште многу да се работи за да може во Македонија да се зборува за слобода на медиумите. Во услови кога голем дел од новинарите работат со нерешен статус, со ниски плати, под притисоци и закани, со цензура и самоцензура, не може да се зборува за демократија. Состојбата на новинарите во земјава е очајна. И покрај апелите на новинарските здруженија, Владата ниту еднаш не седна сериозно да разговара и да се заложи нешто да се промени во медиумската сфера. Не подлажаа дека ќе се направат измени во Кривичниот законик со кои нападот врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице, со цел да не може секоја будала да ни се заканува и да нè заплашува за нешто што сме напишале, но и тоа извиси. Сè уште ги чекаме измените. А дотогаш, секој може да им каже на новинарите што сака и што му се може. Секој може да пријавува новинар, да му пишува сè и сешто на социјалните мрежи, да го навредува со погрдни зборови…

Новинарите не смеат да се откажуваат од своите права, не смееме да дозволиме професијата целосно да ни замре, иако се движиме во таа насока. Мора да се бориме за своите права до крај, да бидеме гласни во своите барања, да не застануваме и да не дозволуваме на некој друг да му се случи она што го доживеа колешката Делевска. Владите доаѓаат и си одат. Ние сме тие што остануваме и се бориме и понатаму. Да (за)живее слободата!

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com