45 годишниот скопјанец кој со огнострелни рани беше хоспитализиран во болницата во Полигирос по вчерашниот инцидент е во стабилна состојба и надвор од животна опасност, информираат од МНР. По вооружената престрелка во Ханиоти во кој животот го загуби еден македонски државјанин и уште еден беше ранет, македонската и грчката полиција започнале со комуникација и размена на информации во насока на расчистување на случајот, се наведува во соопштението од МНР.
Грчките медиуми пак пишуваат дека тамошните власти ги зајакнуваат контролите на границата со Северна Македонија бидејќи е можно извршителите да се сонародници на жртвата. Засега нема официјални информации за текот на истрагата, но во написите на медиумите стои дека интензивно се разгледува материјалот од безбедносните камери со цел да се утврди дали се снимени движењата и маршрутата на извршителите.