-1.2 C
Skopje
Monday, February 6, 2023

Политички маргиналци изгласани од граѓаните

Најчитани вести

Од: Жана Божиновска

Колку и, реално, Костадинов и Џамбаски да се маргиналци или колку и да ги перципираме или оценуваме како такви, факт е дека и двајцата на избори добиле гласови од граѓаните, едниот за бугарското Собрание, другиот за Европскиот парламент.

Маргинален – спореден, неважен, безначаен; маргиналец и маргиналци се изведенки од него. Вакво е објаснувањето на зборот во речникот на македонскиот јазик. Аналогијата со маргинални политичари би значела неважни, споредни, безначајни политичари. Прашањето е кои се тие. Оние што не се пратеници, оние што не влијаат на политиката на државата или оние на кои не им се слуша гласот? Или од сѐ по малку?

Ако се суди според изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, токму такви се бугарскиот европратеник, нам добро познатиот Ангел Џамбаски, и претседателот на партијата Преродба Костадин Костадинов, кој патем е и пратеник во бугарското Собрание, а во некоја комбинација дури може да биде и дел од тамошната влада.

Колку се тие навистина маргиналци?

Дали е маргиналец политичарот чија партија во бугарското Собрание има 27 пратеници, повеќе отколку Бугарската социјалистичка партија (БСП) на пример, која во минатото беше владејачка во земјата? Ни се допаѓало тоа или не, Костадинов сепак не може да биде маргиналец, ако неговата крената рака може да биде одлучувачка за прашање за Македонија.

„Иако станува збор за политички маргиналци, нивните изјави предизвикуваат вознемиреност во нашата јавност, а токму тоа им е и единствената цел, да провоцираат и да ги поткопуваат напорите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат во духот на соработка и одржување на позитивен дух во билатералните односи“, е коментарот на Ковачевски за изјавите што Костадинов и Џамбаски ги кажаа среде Скопје: „Да живее Бугарија, Македонија е бугарска“ и „Да живее бугарска Македонија и бугарската нација од Охрид до Црното Море“.

Колку, реално, и да се маргиналци или колку и да ги перципираме или оценуваме како такви, факт е дека и двајцата на избори добиле гласови од граѓаните, едниот за бугарското Собрание, другиот за Европскиот парламент.

Колку за потсетување, Костадинов за Ковачевски минатата година беше „политичар“, а не политички маргиналец, па тогаш кажа дека „политичари како лидерот на Преродба не се пожелни во Македонија“, ама неговите „лидерски“ провокации имаа ново издание во Битола кога при отворањето на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ Костадинов пред еден куп новинари рече дека „Бугарија и Македонија се две држави со еден народ, со заедничко минато“.

Вториот „политички маргиналец“ според Ковачевски е Џамбаски, кој исто така со гласови на Бугарите уште од 2014 година до денеска е пратеник во Европскиот парламент. Копретседателот на ВМРО-БНД, чиј член патем до 2014 година беше и Костадин Костадинов, сега е дел од европските конзервативци и реформисти и не престанува со расистички и со ксенофобични коментари, ама, пак, неговата крената рака веќе втор мандат во Европскиот парламент одлучува за прашања важни и за Македонија. И покрај тоа што остана запаметен по нацистичкиот поздрав среде Европскиот парламент.

Можеби премиерот Ковачевски исправно смета дека не треба да им ја крева популарноста на ваквите, како што ги нарече „политички маргиналци“, кои патем дома си се популарни онолку колку што им треба. Ама останавме покуси за неговото објаснување кои се домашните политички маргиналци на кои им ја остава дискусијата со двајцата од соседството.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести