14.8 C
Skopje
Thursday, October 6, 2022

Политички импотентниот Брисел ја замолува потентната Софија…

Најчитани вести

Од Јасминка Павловска

Новиот „волшебен збор“ во реториката на ЕУ-функционерите, за кој самите тие веруваат дека е „издржан аргумент“ за одржување во живот на идејата за проширување на Унијата е – „Украина“. Тој збор еднакво е применлив како за убедување на евроскептиците така и за одржување на надежта на заглавените со години во чекалницата на ЕУ, како што е Македонија. Мултипрактичната употреба на зборот се огледа и во тоа што тој служи и во процесот на „повикување на разум“ (?!) на инаетливите играчи – заиграни со опцијата вето, улога во која веќе две-три години се пронајде Бугарија. Уште вчера-завчера, еврокомесарот за добрососедска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, ја заврши посетата на Софија со надеж дека со соговорниците во Бугарија се разбрал за важноста на проширувањето на ЕУ во контекст на воената криза во Украина и последиците што истото тоа ги има во целиот Европски Регион, па и на Западен Балкан. Сепак, и покрај обидите за комуникација со новата формула за убедување, застрашување и апели за разумно однесување, Вархеи не можеше да се воздржи, а да не изрази разочарување среде Софија, на „итниот“ форум за односите меѓу Европската Унија и Балканот (во контекст на руско-украинскиот конфликт), што сѐ уште треба да убедува некого за почеток на преговорите на Македонија (и Албанија) со ЕУ, прашање за кое верувал дека е затворено пред две години.

Речиси во исто време, во Москва, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, при средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, изјави дека е загрижен поради извештаите за можни воени злосторства во Украина и дека се потребни независни истраги. Идејата, всушност барањето на генералниот секретар Гутереш за независни истраги во Украина, под покровителство на ООН, на некој начин означува активирање на механизмите на меѓународното право. Иако често, обично при позиционирањето на големите сили во современиот геополитички контекст, изгледа дека меѓународното право не е на првиот повикувачки број за спасувачки интервенции, сепак и големите актери во игрите со моќ се свесни дека не можат целосно да го запостават, па барем кога е во нивни интерес се повикуваат на него. Основните принципи на кои е поставено меѓународното право се засноваат на рамноправност и еднаквост на сите партиципиенти во светскиот поредок (ООН), со почитување на правото на сувереност, а пред сѐ правото на самоопределување и на самоименување. Тоа значи дека и големите и малите (играчи) држави ги имаат истите права.
Во светска ситуација како во случајот со воената агресија во Украина со алармантна загриженост на западниот свет се тестираат принципите на меѓународното право, а кога станува збор за Македонија се чини дека повторно премолчано се дозволува тоа да биде ставено под тепих. Дури и апелите за брзо наоѓање решение на наводно неразбирливиот (за ЕУ) проблем што го измисли Бугарија, преточен во услови за повлекување на ветото, сѐ повеќе наликуваат на притисок врз Македонија, во име на некакво заедничко манифестирање отпор против опасноста од руско влијание во регионот. Прагматичноста на меѓународната заедница, иако спротивна на принципите на меѓународното право, го насочува притисокот за постигнување на посакуваниот резултат обично кон послабата страна.

А Македонија веќе покажа дека е подготвена да попушти на непринципиелен притисок во име на НАТО-сојузништвото и ЕУ-заедништвото. По прифаќањето на Преспанскиот договор со Грција, со сите спорни моменти поврзани со принципот на самоопределување и самоименување, Бугарија се „освести“ дека предноста од асиметријата на нејзиниот договор за добрососедство не е доволна за задоволување на сите нејзини анахрони национални апетити спрема Македонија. Па кога навидум се реши членството на Македонија во НАТО (со постојано нагласување на заслугата на референдумски неприфатениот Преспански договор), Бугарија еднострано си го надгради Договорот за добрососедство со декларација на нејзиното Собрание, поставувајќи и отворени национално асимилаторски услови за македонската страна за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Оттогаш, Македонија, но и ЕУ се во постојано искушение од Бугарија во смисла на почитување на принципите на меѓународното право, како и темелните вредности на Унијата. Во геополитички контекст, Бугарија со инсистирањето на блокадата на македонските евроинтеграции, сериозно ја загрозува безбедноста на регионот, особено во ситуација на реално постоен воен конфликт во речиси непосредна близина, со неизвесен ризик за негово прелевање. И покрај сите закани и опасности што можат да се активираат од безбедносен аспект во регионот и во Европа, доколку се создаде амбиент за безнадежност на проширувањето на ЕУ, Бугарија нема намера да отстапи од идејата за вметнување на нејзината еднострана собраниска асимилаторска декларација во преговарачката рамка за Македонија.

А ЕУ и остатокот од меѓународната заедница креваат раменици дека наводно немаат решение за бугарскиот инает и некултурна желба за бугаризирање на Македонија. Брисел навидум ја замолува Софија да постапи разумно и да не го блокира непотребно проширувањето, но по 13 препораки од Европската комисија за почеток на преговорите, 17 години со кандидатски статус за почеток на преговорите, вета од три земји-членки на ЕУ… Скопје нема основа да верува во… „искрените напори“… Уште помалку има причина да ги прифати непристојните барања на Софија за бугаризирање на Македонија и угодување на некакви нејзини „национални интереси“ во македонската суверена држава.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com