7.8 C
Skopje
Saturday, December 3, 2022

Политичката нестабилност во Бугарија, контрапродуктивна и за Македонија

Најчитани вести

Бугарскиот претседател Радев може повторно да го има главниот збор во државата, откако изборите не донесоа убедлив победник кој ќе формира влада. Тоа, според дипломатите, не и оди во прилог на Македонија. На 7 октомври е најавено отворањето на вториот бугарски културен центар „Цар Борис Трети“ .

Политичката нестабилност во Бугарија извесно е дека ќе продолжи и по последните парламентарни избори, четврти по ред во рок од 18 месеци. По тесната победа на партијата ГЕРБ, на поранешниот премиер Бојко Борисов во моментов не е јасно дали ќе успее да формира влада. Во два наврати досега кај источниот сосед беше назначена привремена Влада. Членовите во сите претходни технички влади на Бугарија беа луѓе од најблиското опкружување на бугарскиот претседател Румен Радев.

Она што беше различно во оваа изборната кампања во Бугарија е тоа што спорот со Македонија не доминираше како во сите претходни избори, туку акцентот беше ставен на економската криза. А ден пред гласањето, во Софија се сретнаа бугарскиот и македонскиот претседател, Румен Радев и Стево Пендаровски на разговори за енергетската криза без воопшто да го споменат спорот меѓу двете земји.

“Тоа е индикатор дека е малку стишана антимакедонската кампања во Бугарија и тоа отвора простор за разговор за многу други важни прашања како енергетиката, есенцијални прашања. Така што, наместо тие прашања, досега доминираа историски наративи кои тешко дека ќе може да помогнат да се подобрат односите меѓу двете држави“, вели поранешниот амбасадор Огнен Малески.

Сепак тој не исклучува можност македонското прашање повторно да се врати во фокусот на бугарските партии и да биде искористено за добивање на политички поени.

Малески додава дека сепак за Македонија е важно конечно да добие влада од другата страна за да може и двете држави да ги завршат обврските со кој ќе се одблокираат македонските евроинтеграции.

Очигледно е дека Борисов тешко ќе може да состави Влада, а тоа само по себе е контрапродуктивно за проблемот што го има Македонија со Бугарија и тоа ќе предизвика натамошно одолговлекување на постапките, вели дипломатот Драган Јањатов.

Според Јањатов, Бугарија, по потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство упатила дополнителни обврски за Македонија и во тоа е проблемот.

„Последниот настап на Радев не ме охрабри многу. Веќе вадат нови џокери од ракавот, што не ни одат во прилог, а македонската страна дефанзивно кон тоа се однесува“, вели Јањатов.

Македонија и Бугарија во 2017 го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Потоа Бугарија го блокираше почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија оспорувајќи го јазикот и историјата. Тоа беше надминато со францускиот предлог со кој дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка, по што уследи првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ на 19 јули годинава. За да продолжи евроинтегративниот процес Македонија треба да направи измени на Уставот, односно да се внесат Бугарите во Преамбулата.

Бугарија ги чека уставните измени

Бугарскиот претседател Радев по гласањето на изборите вчера потсети дека суштинските преговори за членството на Македонија во ЕУ согласно преговарачката рамка не се започнати, а ќе почнат, како што потенцира, кога земјата ќе ги вклучи Бугарите во својот Устав.

„Тоа треба да е јасно. Тогаш започнуваат преговорите за членство. Треба да се решат сите прашања што се одложуваат долги години. Неизбежен е разговорот за заедничката историја со РСМ. Очекувам државниците во нашата пријателска земја да покажат политичка мудрост и да ја градат европската иднина на РСМ ослободена од идеологиите на минатото“, рече Радев.

Претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили смета дека најважно е колку државата е подготвена да ги исполни сите обврски кон ЕУ. Изјавата на Радев, според него, е во корелација со она што го бара ЕУ, бидејќи државата има обврски врз основа на францускиот предлог.

„Сме земале обврска дека ние ќе направиме уставни измени и што побрзо ги направиме уставните измени, побрзо ќе има почеток на вистински преговори меѓу Македонија ЕУ. Тука се е јасно. Не се зборови на Радев. Ова е обврска која нашата земја ја презела пред меѓународната заедница со прифаќање на францускиот предлог“, вели Халили.

Барањето на Бугарија за внесување на бугарската етничка заедница во македонскиот Устав произлезе од тврдењето на бугарските политичари дека во Македонија живеат над 100 илјади Бугари и беше побарано да имаат еднакви права со сите етнички заедници наведени во Преамбулата.

На вчерашните парламентарни избори Бугарите имаа можност за гласање во седум града во Македонија, односно во Скопје, Битола, Охрид, Велес, Кавадарци, Прилеп и во Струмица. Последниот попис во земјава покажа дека тука живеат 3.054 Бугари. Според податоците од Бугарската изборна комисија, официјално во Македонија гласале вкупно 461 Бугарин. Најголем број или 172 своето избирачко право го искористиле во Амбасадата на Бугарија во Скопје.

Реакции и за вториот бугарски културен центар

По отворањето на првиот бугарски културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, сега, на 7 октомври е најавено отворањето на вториот културен центар во Охрид. Тој ќе го носи името „Цар Борис Трети“, кој е бугарски цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „ величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.

Владата во мај годинава најави отворање на македонски културен центар во бугарскиот град Благоевград до крајот на годината, а неговото име ќе се определи во комуникација со македонскиот Институт за национална историја.

Според Јањатов, ќе има рамнотежа во односите со отворање на македонскиот клуб, но прашањето е дали тоа е покритие за бугарските културни клубови, кои како што посочува, „растат како печурки“.

„Која е улогата на тие клубови. Што помагаат тие. Да се прекине говорот на омраза. Да се прекинат непријателствата. Не помагаат за тоа. Само уште долева масло на огнот“, додава Јањатов.

Бугарите како и другите етнички заедници во државата имаат право да основаат културен центар, смета Халили. Но, начинот како ќе се основа, не е во доменот на Бугарите, туку на нашиот правен систем и тоа што немаме јасна визија кои имиња може да се користат.

„Сега нашата неспособност да направиме измени и дополнувања во еден многу прост закон ја анализираме како една зла намера на другите да ги основат нивните културни и други институции“, додава Халили.

Министерот за правда Никола Тупанчески изјави денеска дека советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија ќе почне со работа наскоро, без да прецизира дали тоа е пред отворањето на клубот во Охрид.

„Ние како држава мора да бидеме подготвени за идни потенцијални провокации“, изјави Тупанчески одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на првиот академски час на Правниот факултет.

Ова ад хок тело, според министерот е формирано со цел да се бајпасира вакумот кој би настанал до донесувањето на новиот закон за здруженија и фондации кој е во фаза на подготовка.

Отворањето на првиот бугарски културен клуб Ванчо Михајлов во Битола, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции и негодувања во македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари. Пејачот Ламбе Алабаковски подметна пожар пред вратата на клубот, по што беше уапсен и осуден на условна казна затвор од шест месеци.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести