14.8 C
Skopje
Saturday, July 24, 2021

Политиката не може да ми влијае на работата, вели Кацарска за состојбите во и околу Уставниот суд

Најчитани вести

Нема земја во светот и нема политичар што не сака да има влијание врз судството. Но гарантирам дека никогаш ниту еден политичар мене не може да ми каже како да работам, вели претседателката на Уставниот суд
Неиздржаните критики не допираат до мене. Политиката не може да ми влијае на работата, вели новата претседателка на Уставниот суд Добрила Кацарска за обвинувањата со кои се соочува откако беше избрана за уставна судијка, а потоа застана и на чело на овој суд.

Околу критиките од ВМРО-ДПМНЕ, дека за претседателка е избрана поради затворските пресуди што ги донела за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, посочи дека станува збор за невистини поради кои се доведува во заблуда јавноста.

„За случајот за 27 април се изнесуваат невистини. Критиката од опозицијата е секојдневна, но ниту една нереална критика, што не е заснована на факти, не допира до мене. Политиката кај мене нема влијание. Не може да стане збор за уставобранители за луѓе кои влегле во Собранието, во законодавниот дом, во дом на демократија, за да тепаат пратеници, новинари, полиција, а од друга страна да гледаме претставници на полицијата во комплетна борбена опрема како лежат на фотелјите се поздравуваат и гушкаат со маскирани лица. Политиката на мене не може да влијае. Нема земја во светот и нема политичар кој не сака да има влијание врз судството. Но, гарантирам и ви ветувам дека никогаш ниту еден политичар мене не може да ми каже како да работам“,

рече Кацарска.

За изборот на новите судии, Кацарска изјави дека не постои политичар што може да ѝ се јави и да ѝ каже како да одлучува за некој предмет.

„Во мојата судска работа тоа сум го докажала. Кои судии ќе ги изберат политичарите, за тоа може да зборувате со претставници од политичките партии, се надевам и посакувам да изберат професионалци, чесни судии, на кои воопшто нема да им е битно кој е носител на иницијативата, која одредба се оспорува и слично. Уставниот суд заслужува да бидат избрани исклучиво луѓе професионалци“,

додаде Кацарска.

За тоа дали за уставниот суд претставува проблем што моментно работи само со шест судии, таа вели дека начелно судот може да функционира и со пет судии. Но, како што вели, проблем ќе биде ако на гласање не се обезбедат пет гласа.

„Судот може да функционира дури и со пет судии. Во оваа ситуација имаме шест судии, може да функционираме. Проблем ќе биде ако на гласање не обезбедиме пет гласа. Инаку, веќе имаме закажано седница за в четврток и тековните работи ќе се работат. Ќе има новини во Уставниот суд, сметам дека многу работи треба да се сменат и работи што не се направени треба да ги направиме“,

вели Кацарска.
Маргарита Цаца Николовска, претседателка на Институтот за човекови права, пак, вели дека државата не смее да си дозволи судот да работи со шест судии.

„Колку повеќе има судии кои се произнесуваат за одредена ситуација толку е поприсутно владеење на правото и презентирање на она за што размислуваат судиите. Тоа дава можност да не се шпекулира со одредени ситуации и со одредени сознанија“,

посочи Николовска.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести