Некогашниот рајски град на Хаваи, Лахаина, сега е крематориум. Екипи на терен се пробиваат низ јагленосаните објекти во потрага по тела. Досега се потврдени околу 100 смртни случаи. Црниот биланс се очекува да расте. Пребаран е само мал дел од уништениот град.
„Веќе имаме 150 тимови на терен со кучиња. Имаме уште спасувачи кои ќе бидат тука во наредните денови. Но, ова не го можеме сами. Претседателската декларација за катастрофа, што ја потпиша претседателот Бајден, ни дава можност во Фема да ги донесеме сите наши федерални партнери“, изјави Дин Крисвел, администратор во Фема.
„Одиме најбрзо што можеме но, само да знаете досега се пребарани само три насто“, Џон Пелетиер, началник на полицијата во Мауи.
Гувернерот на Хаваи издаде петти проглас за вонредна состојба со што се продолжува периодот за итна помош при катастрофи до крајот на месецот.
„Ова е ужасна глетка во Мауи. Тимовите тековно откриваат нови трагедии. Многу е тешко. Ја носиме целата сила на владата и правиме сè што можеме за да го ублажиме страдањето“, Џош Грин, гувернер на Хаваи.
Жителите велат-немале официјално предупредување пред да можат да се евакуираат од смртоносните пожари. Предупредувачките сирени на Мауи никогаш не се огласиле, покренувајќи болни прашања за ефективноста на одговорот за итни случаи. Преживеаните споделуваат приказни за бегството дополнувајќи го мозаикот на трагедијата во која пожарите кои пламтеа со брзина од речиси 2 км на час, го проголтаа градот.
„излетав од автомобилот и истрчав за да си го спасам животот, трчав кон океанот. Моите пријатели останаа. Сите тројца изгореа, заедно со кучињата. На патот го препознав јагленосаното тело на пријателот. Немате што да направите. Се се случуваше пребрзо“, изјави Дејвид, жител на Лахаина.
„Не добиваме никакви информации и да бидам искрен ова е ниво на неспособност на кое не сум бил сведок досега“, вели друг жител.
Повеќе од две илјади објекти се оштетени или целосно уништени од кои 86 насто станбени. Штетата на целиот остров се проценува на околу 6 милијарди долари. Катастрофата е најсмртоносниот шумски пожар во сад во повеќе од еден век.