-7.2 C
Skopje
Saturday, January 22, 2022

Поднесоа или понудија оставки, но не дадоа одговори

Најчитани вести

Вечерта на 8 септември во пожарот во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти загинаа 14 лица, една 20-годишна девојка почина пред почетокот на пожарот, а 12 лица успеаја да се извлечат од огнената стихија. Истрагата за причините на пожарот е почната. Властите ветуваат темелна и објективна истрага, а потоа и одговорност за сите кои придонеле оваа трагедија да се случи.

Прашања има безброј. Од почетокот на изградбата на модуларната болница, техничкиот прием, начинот на вградување на електричната инсталација и на доводите за кислород, материјалот од кој е изграден објектот, одржувањето, протипожарната заштита, куќниот ред во болницата во која на 8 септември имало 24 пациенти и две надворешни лица… Најавено е и доаѓање на експерти на германската Сојузна служба за криминалистика (БКА) кои треба да помогнат во утврдување на причините за несреќата. Првичните резултати, според надлежните, засега покажуваат само тоа дека пожарот не бил намерно подметнат.

Координаторот на ковид-центарот во тетовската болница, Гзим Нуредини вели дека сѐ се случило за 3-5 минути. „За тоа време се спасија само овие 12 пациенти. Другите не успеаја бидејќи пламенот за кратко време го зафати целиот простор“, изјави Нуредини.

Пожарот бил изгаснат за 40-ина минути, но веќе било предоцна…

Според сите правила и протоколи посети во инфективни одделенија и ковид-центри се забранети, но неколку новинарски репортажи и изјави на сведоци токму за тетовската модуларна болница за ковид пациенти потврдија дека тука редовно влегувале и излегувале роднини и пријатели на болните.

19 модуларни болници беа градени по кратка постапка, со тендер од Светска банка добиен од фирмата „Брако“. Оваа компанија по пожарот во Тетово соопшти дека објектите биле изведени според сите пропишани светски стандарди. И министерот Филипче, ден пред да ја понуди оставката изјави дека во модуларните болници се вградени сертифицирани огноотпорни материјали.  

Сепак, сведоци тврдат дека во модуларната болница во Тетово сѐ се запалило за многу кратко време и дека немало противпожарни апарати или каква било друга противпожарна заштита. Емши Ибим во средата ги загуби таткото и братот, се обидувал некако да ги спаси, но за жал не успеал во тоа. Тој во изјава за Дојче веле рекол: „Бев шест дена внатре, се грижев за мојот татко и брат, затоа што клиниката нема персонал. Се обидов да ги извадам нив, но не можев од црниот чад. За тие кои викаат дека бараката имала противпожарен систем, тое се големи лаги. Баравме апарати за гасење на пожарот и тоа го немаше. Модуларната болница беше само една пластична барака со стиропор и пожарот се прошири со голема брзина. Сите пациенти што беа внатре ги видов со мои очи како вриштат“.

Од Јавното обвинителство соопштија дека се преземени мерки за обезбедување на видео-снимки од Клиничката болница, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбените згради и куќи, како и видео-материјал објавен од индивидуални поединци и на социјалните мрежи. Издадена е наредба за одземање на целокупната документација од болницата и од изведувачот на градбата во врска со изградбата на модуларната болница. Сослушани се дел од сведоците кои биле на местото на настанот и дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во модуларната ковид болница. Донесена е и наредба за ангажирање на вешто лице од областа на електротехниката.

Во истрагата се вклучува и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое ќе ги истражува јавните набавки за изградба на модуларните болници. Вчера до Бирото за јавни набавки и до Министерството за труд и социјална политика издадена е наредба за обезбедување на целокупната документација поврзана со изградбата на модуларните болници.

„Постапката е во насока на проверка на спроведувањето и реализацијата на јавните набавки за изградба на модуларните болници во државава. За таа цел, денеска до Бирото за јавни набавки и Министерството за труд и социјална политика е издадена Наредба за обезбедување на севкупната документација поврзана со изградбата на сите 19 модуларни болници. Прибраните материјални докази ќе бидат предмет на анализа во насока на утврдување дали документацијата за спроведената јавна набавка соодветствува со техничката документација за овие објекти“, информираше вчера Јавното обвинителство.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com