Основното јавно обвинителство Кичево поднесе обвинение против Ел Чека за неовластено прислушкување и тонско снимање.
„Обвинетиот при крајот на месец мај оваа година, од профил на една социјална мрежа, претставувајќи се како ‘El Cheka‘ објавил повеќе тонски снимени прислушкувани телефонски разговори на повеќе лица. Со тоа обвинетиот им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и на други неповикани лица да се запознаат со содржината на тонски снимените разговори“, соопшти Јавното обвинителство.
Во соопштението се додава дека во последно време зачестена е појавата на објавување неовластено прислушкувани и снимени разговори, па Јавното обвинителство на Република Северна Македонија укажува дека секое објавување на неовластено прислушкувани разговори е кривично дело согласно член 151 став 2 од Кривичниот законик, во кој е пропишана казна затвор од 1 до 5 години за секој што „ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана“.
Од Јавното обвинителство додаваат дека ги следат внимателно овие појави и дека ќе постапуваат согласно своите надлежности.