Home » Поврдени 47 полицајци, а приведени 11 демонстранти во вчерашните протести

Поврдени 47 полицајци, а приведени 11 демонстранти во вчерашните протести

by Журнал.мк

Повредени 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди во вечерашниот јавен собир на подрачјето на СВР Скопје, кој се одржа во периодот од 19.00 часот пред Владата, продолжи пред Министерството за надворешни работи и заврши пред Собранието околу 22.30 часот. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега, соопшти МВР.

Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции.

За време на вечерашниот протест оштетувања на прозорците и фасадите се пријавени во сите три објекти: Владата, МНР и Собранието. Покрај ова, демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетена е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

Во врска со немирите кои ескалираа пред објектот на Собранието, од страна на полициските службеници приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.

МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот, додаваат од МВР.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More