17.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022

Повици за „европеизација“ на Балканот поради војната во Украина

Најчитани вести

Меѓународната заедница зачести со повици за забрзување на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, за да се спречат рефлексиите од војната во Украина и руските обиди за попречување на европска ориентација на регионот. Автор: Анета Дуровиќ

Како резултат на руската агресија врз Украина, чести се повиците на меѓународната заедница за забрзување на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, за да се спречат рефлексиите за војната и обидите на Русија да ја попречи нивната европска ориентација, пишува СлободнаЕвропа.орг.

Одразот на руската инвазија на Украина е присутен на Западен Балкан преку изразените тензии и безбедносната ситуација, која секојдневно се влошува, што треба да ги загрижува и Европа и Вашингтон, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), Гордана Ѓуровиќ, поранешна министерка за евроинтеграции во Владата на Црна Гора и универзитетска професорка.

„Најавата на Франција дека ќе лета над Босна и Херцеговина (БиХ) и обновеното присуство на ЕУФОР на улиците на Сараево доволно зборуваат за тие размислувања“, вели професорката Ѓуровиќ.

Во Босна и Херцеговина се распоредени 500 војници како дел од засилувањето на Европските воени сили (ЕУФОР Алтеа), имајќи предвид дека влошената ситуација на меѓународно ниво може да предизвика нестабилност и во БиХ.

Веско Гарчевиќ, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Бостон, за РСЕ изјави дека Западен Балкан е отворен за надворешни влијанија, а БиХ и Србија се особено под руско влијание.

„Ако кризата во Украина продолжи и заземе потешки форми од сега, што не е невозможно, претпоставувам дека следниот фокус би можел да биде Западен Балкан. Се надевам дека не како во Украина“, вели професорот Гарчевиќ.

Тој ја нагласува потребата Европа да го стабилизира Балканот преку процесот на евроатлантските интеграции.

Повиците на Вашингтон

На 4 март, 19 членови на американскиот Конгрес испратија писмо до американскиот државен секретар Ентони Блинкен во кое повикуваат на поголем ангажман на Западен Балкан во контекст на руската инвазија на Украина и да се удвојат напорите за промовирање на интеграцијата на регионот во Европа.

Американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, исто така, на 7 март им порача на земјите од Западен Балкан дека имаат место во Европската унија и дека не смее да и се дозволи на Русија „да ја користи војната за да го спречи напредокот на овие земји на патот кон ЕУ“.

Колку е реално забрзувањето на балканската интеграција?

Иако војната во Украина ја загрозува општата европска безбедност, професорката Гордана Ѓуровиќ, смета дека Европската Унија (ЕУ) има јасни критериуми за членство и дека не може да одговори на таквите барања.

Таа нагласува дека ЕУ може да ги реши безбедносните прашања на друг начин „а не со препораките на САД за итен прием“.

„ЕУ може да биде поприсутна во своите мисии. Треба да се вклучи и во политички дијалози, да ги поддржува европските политички опции како и оние кои се за мирно решавање на проблемите и против мешање на соседите во животот на другите земји. ЕУ има простор , хуманоста и стратешките интереси, особено во Црна Гора“, вели Ѓуровиќ.

Со неа се согласува и професорот Гарчевиќ, кој посочува дека реалноста на забрзана интеграција е под знак прашалник, иако тоа би било позитивно сценарио.

„Не верувам дека некои земји од ЕУ ќе ги жртвуваат вредностите и владеењето на правото заради брза интеграција. Прашањето е што ќе победи, подобрувањето на вредностите или потребата за безбедност. Јас сум умерен оптимист дека некои работите ќе се забрзаат, но не можеме да очекуваме Западен Балкан во ЕУ и НАТО“, вели Гарчевиќ.

Тој исто така рече дека Брисел треба да дејствува превентивно за да спречи прелевање на конфликтот во Украина на Западен Балкан или други делови на Европа.

Радио Слободна Европа побара коментар од Европската комисија за честите повици за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан, но одговор не добивме.

Последниот нацрт-извештај на Европскиот парламент посветен на Црна Гора потсетува на постојаниот интерес на Русија за дестабилизација на земјата и го поздравува усогласувањето на Црна Гора со надворешната и безбедносната политика на Европската унија, што вклучува поддршка за санкциите на ЕУ против Русија.

Шефот на Делегацијата на Европскиот парламент за односи со Црна Гора, Владимир Билчик оцени дека нападот на претседателот на Русија Владимир Путин врз Украина е пресвртница и за Западен Балкан. Тој особено посочи дека Србија не се приклучува кон санкциите на Европската унија (ЕУ), оценувајќи ја како „клучна одлука што ќе влијае на многу пошироки односи меѓу ЕУ и Србија“.

Иако не е дел од ЕУ, британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека евроатлантската безбедност мора да се зајакне, што вклучува поддршка за европските земји кои не се членки на НАТО и се предмет на Кремљ, вклучително и Западен Балкан.

Радуловиќ: Русија нема да се откаже од своите позиции на Балканот

Генералниот секретар на Европското движење во Црна Гора, Момчило Радуловиќ, е оптимист за забрзување на европската и НАТО интеграцијата за земјите од Западен Балкан.

„Русија ги интензивираше своите активности, особено во разузнавачкиот сектор и меѓу политичките групи под директна или индиректна контрола. Ситуацијата нема да се смири, Русија нема да се откаже од своите позиции на Балканот за да држи отворени одредени места на конфликт“, рече Радуловиќ.

Според него, потребата од интеграција се однесува особено на БиХ, а делумно и на Косово.

„Се разбира, не во целост, туку преку посилно присуство на НАТО и институционалните врски. Кога станува збор за евроинтеграциите, тоа значи итно отворање на преговорите во полн капацитет со Северна Македонија и Албанија, веќе во јуни“, рече Радуловиќ.

Веско Гарчевиќ, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Бостон, исто така смета дека регионот на Западен Балкан е хронично нестабиле со тенденции за национализам и авторитаризам кои можат да прераснат во еден вид конфликт.

Колку се далеку земјите од Западен Балкан од ЕУ и НАТО

Од шесте земји од Западен Балкан, членки на НАТО се Северна Македонија, од 2020 година, Црна Гора од 2017 година и Албанија од 2009 година.

Босна и Херцеговина учествува во Акциониот план за членство, а во 2006 година Србија се приклучи на програмата на НАТО Партнерство за мир. По почетокот на руската инвазија на Украина, на 2 март Косово усвои Резолуција со која ја повикува Владата да започне преговори за членство во НАТО.

Ниту една од земјите од Западен Балкан не е членка на Европската Унија.

Црна Гора и Србија се земји кандидати за членство во Европската унија, Албанија ги започна преговорите, а Босна и Херцеговина поднесе барање за членство. Северна Македонија го чека отворањето на пристапните преговори за полноправно членство.
Косово допрва треба да одреди датум за аплицирање за членство во ЕУ.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com