Home » Планот на Макрон го турна Петков, за ветото ќе видиме

Планот на Макрон го турна Петков, за ветото ќе видиме

by Журнал.мк

Францускиот предлог за кревање на бугарското вето за преговорите на Македонија со ЕУ се очекуваше вчера попладне да биде претставeн пред земјите-членки на Унијата во Брисел, како и во Бугарија, каде, според најавите на премиерот Кирил Петков, веднаш ќе биде препратен до Комисијата за надворешната политика на бугарското Народно собрание, со цел пратениците во наредните денови да донесат одлука дали ветото ќе oстане или не. Вчера за време на Преспа форумот, претседателот Стево Пендаровски објасни дека во Македонија нема пристигнат француски предлог, затоа што се работи за интерна одлука на Унијата во врска со усогласувањето на текстот на преговарачката рамка, за кој и Македонија мора да даде согласнот. Од друга страна, пак, во Бугарија од вчера има ново парламентарно мнозинство кое го смени од функција спикерот Никола Минчев. Следната недела ќе се гласа за недоверба на владата на Кирил Петков, на иницијатива на опозициската ГЕРБ, а и самиот Петков вчера најави дека не се плаши од предвремени избори.

Петков: Ќе го прифатиме францускиот предлог, паѓаме, па продолжуваме
Претходно, како што објави БГНЕС, Петков им се пофалил на најблиските соработници дека „детално е запознаен со шемата како ќе се тргне ветото“:

– Во четврток (16 јуни) францускиот предлог официјално ќе биде испратен до сите земји-членки на ЕУ, а јас лично утре (17 јуни) го испраќам до парламентот. Лично Емануел Макрон и Олаф Шолц стојат цврсто зад мене. Ќе го прифатиме, после тоа паѓаме и продолжуваме понатаму – рекол наводно Петков, пренесува БГНЕС.

Министерскиот совет завчера го прифатил предлогот на Петков „предлогот на француското претседателство веднаш да биде испратен до собраниската Комисија за надворешна политика“. Намерата на бугарскиот премиер е собраниското тело да донесе одлука за францускиот предлог, за да не може ниту еден политичар поединечно да биде одговорен за одлуката за ветото, но на таа намера му се спротистави поранешната пефица на дипломатијата Екатерина Захариева, која му порача дека собраниската комисија не е целиот парламент, туку само помошно тело, а одлуките ги носи народното собрание.

– Кирил Петков влезе во играта на РС Македонија, давајќи и ветувајќи дека ќе направи компромиси кои нема да ги одразуваат интересите на Бугарија. И Бугарија и граѓаните на РС Македонија ќе загубат од избрзаното укинување на ветото. Во нивен интерес е да се реформира РС Македонија. Во нивен интерес е историјата да ја знаат таква каква што е, а не измислената историја што е создадена за да ги оддалечи од Бугарија и од бугарството – вели пратеничката од ГЕРБ Захариева во интервју за БГНЕС.

Таа додава дека Франција не може да ги гарантира барањата на Бугарија ако тие не влезат во преговарачката рамка и ако не бидат одобрени од сите земји-членки.

– Мојот единствен сомнеж е дека Кирил Петков ветил дека ќе го укине ветото до крајот на француското претседателство. Нешто што тој негира, но сите негови постапки зборуваат во спротивна насока. Но, Советот за општи работи на ЕУ е следниот вторник, а Европскиот совет е во четврток и петок (23 и 24 јуни). Не гледам кога и како дотогаш францускиот предлог ќе помине низ бугарскиот парламент, како што повеќепати ветија – рече Захариева, според која Петков не може да ги заобиколи Народното собрание и МНР, а особено МНР, без да ги прекрши правилата и законските прописи.

И Македонија ќе бара гаранции
И додека Софија бара гаранции од Брисел дека Македонија ќе го исполни договореното, Скопје исто бара гаранции од Брисел дека по внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, што се смета за клучно бугарско барање, Софија нема да поставува нови услови.

– Искрено се надевам дека следната недела во Брисел, лидерите на ЕУ конечно ќе го исполнат своето ветување од март 2020 година, кога Советот за општи работи едногласно донесе одлука во најбрз можен рок да почнат пристапните преговори со Северна Македонија – рече вчера претседателот Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид.

Мишел не прецизираше што содржи францускиот предлог и не сакаше да коментира кои ќе бидат заклучоците што ќе ги поднесе француското претседателство за состанокот на Европскиот совет, но посочи дека се работи да се најде решение меѓу 27-те лидери на земјите-членки.

Пендаровски, пак, нагласи дека францускиот предлог е интерна работа на ЕУ во рамки на подготовката на заклучоците на Европскиот совет што Франција како претседавач со ЕУ треба да ги достави до сите земји-членки.

– Заклучоците се далеку од готови. Ние не можеме да влијаеме. Тоа е работа на земјите-членки. Сигурно е дека ќе има параграф за Северна Македонија, како и за други земји. За тоа се прашуваат сите земји членки, вклучувајќи ја и Бугарија – рече Пендаровски.

Тој потсети дека веќе неколку месеци траат разговори меѓу МНР на Македонија и Бугарија и не сакаше да ги коментира актуелните политички случувања кај источниот сосед.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи од Охрид порача дека француското претседателство треба да ни каже дали има простор да се повлече следниот чекор во спорот со Бугарија.

– Во овие последни денови француското претседателство треба да го преземе кормилото и да ни каже врз основа на проценката што ја добиваат од Софија и од разговорите со нас дали има простор за некаков посуштински ангажман и дали ќе одат на нареден чекор. Ако одат на нареден чекор, нашиот став е да видиме унифициран став од сите земји-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, а потоа ние да ги кажеме нашите забелешки, доколку имаме забелешки на таков француски предлог – рече Османи.

Тој нагласи прво треба да се види предлогот усогласен со сите членки, а потоа да се даде нашиот одговор, а не би било добро за нас ако дадеме коментари сега, а потоа излезе дека за некои земји-членки францускиот предлог е неприфатлив. – Ќе чекаме. Кога ќе добиеме сигнал од француското претседателство дека има усогласен став од сите земји-членки тогаш ќе ги дадеме нашите позиции – категоричен е шефот на дипломатијата.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали изгледа ветувачка внатрешната политичка сцена во Бугарија за да може да се очекува некој позитивен резултат во јуни, Османи кажа дека не изгледа ветувачка, но се следат насоките на француското претседателство и „ако Франција процени дека и покрај комплицираната политичка сцена во Бугарија треба да се направат наредни чекори со цел да се постигне некое решение во јуни, ние сме тука“.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More