24.8 C
Skopje
Tuesday, May 24, 2022

Пикот на пандемијата донесе и пик на социјални случаи

Најчитани вести

Две години живот минат во пандемијата, со сите повеќеслојни негативни последици, вклучувајќи и економско-финансиските, силно се одрази на зголемување на бројот на социјални случаи во земјата, и тоа толку многу, колку што не е регистриран во изминативе 20 години.
Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, до пред пандемијата имало 27 илјади домаќинства што примаат социјална помош, во 2021 г. тој број е зголемен за 8.500 нови случаи, а годинава, во 2022, се очекуваат уште дополнително 5.500 домаќинства да станат нови приматели на социјална помош.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека пандемијата се одразила негативно и го зголемила бројот на социјални случаи.
– Во моментот имаме 35.500 семејства што користат гарантирана минимална помош – информираат од министерството.
Од министерството велат дека ќе обезбедат пари за сите семејства што се во социјален ризик, буџетот на министерството за 2022 година изнесува 50,6 милијарди денари, а од овие пари повеќе од една петтина или 11, 6 милијарди денари се наменети за социјални надоместоци.
Неодамна на оваа тема, Светската банка објави дека над 55.000 луѓе во Македонија може да западнат во тешка сиромаштија. Според нивните прогнози, ќе се зголеми и бројот на сиромашни за два-три пати во нашата држава.
– Симулациите предвидуваат стапката на сиромаштија да порасне од околу 17 проценти во 2019 г. до околу 20-23 проценти во 2020 година и од 55.000 до над 130.000 граѓани во годините што следуваат во Македонија – стои во извештајот на Светската банка.

Во истражувањето што го спроведоа УНИЦЕФ и „Фајнанс тинк“ околу социјалните и економските ефекти на ковид-19 врз во Македонија, беше заклучено дека секое трето дете во Македонија ќе живее во сиромаштија, а нови 16 илјади деца наскоро ќе паднат под прагот на сиромаштијата бидејќи нивните родители ги загубиле можностите за приход.
Во светло на актуелните случувања, за нотирање е и фактот дека Македонија и во својот устав се декларира како социјална држава. Но тоа секако е повеќе во насока на заложба за грижа и заштитата на социјалните права на граѓаните отколку во смисла на држава на социјални случаи, кои едвај преживуваат со минимални средства и се постојано врз грбот на државата.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, 455.600 лица во Македонија живеат во тешки услови, што е 21,9 процент од вкупното население во земјава, а во оваа група најпогодени се повеќечлените семејства.
Основицата за социјална помош изнесува 4.000 денари, потоа може да се зголеми во зависност од бројот на членови на семејството, но најмногу до пет члена во домаќинството.
Во вонредни услови, како во случајот со пандемијата на коронавирусот, домаќинство што користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток по уште 1.000 денари заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенти во домаќинството за месеците од зимата и есента.
Професорот Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки вели дека во пандемиската 2020 г. за една третина скокнала бројката на лица приматели на социјална помош, односно од 76 илјади лица се зголемила на 102 илјади приматели.
– Ова е прво посериозно зголемување на бројот на приматели на социјална помош во последните 20 години. Во изминатите 20 години, освен во една-две години кога имало минимално зголемување на примателите, цело време бројката се намалувала. Највисокото ниво е пред 20 години, кога имало 300 илјади, се намалила на сегашните 102 илјади лица – вели Савески.
Тој вели дека пандемијата донесе нови групи сиромашни, тоа се луѓето што претходно живееја под ризик од сиромаштија, како луѓето со нередовни примања, хонорарци, вработени во неформалната економија, луѓе што поради кризата останаа без работа, сезонски работници.
– Трендот е сиромаштијата да ги погодува не само ранливите категории туку и луѓето што се вработени – вели Савески.
Професорот поентира дека на нив дополнително ќе се одрази тоа што пораснаа цените на основните продукти и на енергентите.

Силна индустрија ќе ги намали социјалните случаи

Во меѓувреме, работодавачите, синдикалците, но и универзитетските професори се надеваат дека лицата што примаат социјална помош во земјава можат да бидат мотивирани од приватниот сектор, но и од државата да го променат својот статус и да ги подобрат месечните примања.
Синдикалецот Ванчо Муратовски во свој осврт на случувањата вели дека ние треба еднаш засекогаш да разбереме дека иако сме социјална држава, сепак треба да дадеме максимални напори да го намалиме бројот на приматели на оваа државна бенефиција.
– Имено, државата реално треба и смее да им помага на своите граѓани, но таа истовремено и не може до бескрајност да го празни својот буџет за оваа намена. Решението на проблемот лежи во правец на тоа што земјата треба да ги мотивира примателите на социјална помош да се вработат во реалниот сектор. Овој процес дури треба да биде потпомогнат од земјата со субвенции, бидејќи социјалните случаи ем ќе работат во фирмите ем нема да се приматели на финансии и дополнително самите ќе придонесуваат да се полни буџетската каса преку месечните примања – вели Муратовски.
Тој објаснува дека решението на оваа проблематика никогаш сериозно не било барано во земјата сите овие изминати 30 години од независноста, па досега, а пандемијата најверојатно ќе придонесе да се освестиме за сериозноста на проблемот.
Универзитетскиот професор Михал Вит вели дека намалувањето на социјалните случаи не е само македонски проблем туку и голема болка на сите постсоцијалистички држави.
Тој објаснува дека науката нема јасно решение како да се минимизира бројката на приматели на социјална помош, особено во време на пандемијата, но сето тоа може да се започне со политики на Владата за намалување на сиромаштијата и за ревитализацијата на индустријата, која во најголем дел и со многу мала обука за работа може да вработи голем дел од овие лица.
– Затоа во Македонија е потребно донесување долгорочна стабилна стратегија и политика во таа насока, без оглед дали имаме ротирање на власта – вели професорот.
Од друга страна, бизнисмените велат дека бројките на социјалци се поразителни и жално е што толку лица осиромашиле. Но од друга страна, тие и се сомневаат дека не е прецизна бројката на лица што не работат ништо и затоа се потребни зачестени контроли кај корисниците и измени во законот.
Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата истакнува дека загрижува факторот што законот индиректно поттикнува сива економија, бидејќи ги задржува овие лица во нерегистрирана дејност.
– Не верувам дека тие лица се сите дома, туку дека работат на црно. Според мене, минималната плата треба да е драстично повисока од социјалната помош, за примателите на помош да посакаат да работат и контролите да бидат чести, да се види дали тие лица се дома или работат на црно – вели Бошков.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com