Српскиот селектор Светислав Пешиќ беше разочаран што неговата репрезентација не успеа да слави над Италија, но искусниот стратег потенцираше дека клучниот меч со Доминиканската Република ќе одлучи за првото место во групата, нешто што беше цел на Србија од самиот старт на овој Мундобаскет.
„Орлите“ прокоцкаа 16 поени предност од третата четвртина и претрпеа уште еден болен пораз од „аѕурите“, но за Пешиќ е најважно што неговата селекција останува господар на сопствената судбина.
„Штета е што не победивме меч во кој имавме водство. Сепак, загубивме само со два поени, што не е толку страшно бидејќи со победа над Доминикана остануваме на чело на групата. Тој меч ќе биде како финале на Светското првенство за нас и ќе влеземе максимално подготвени, добро е што ќе имаме 48 часа за да се одмориме и целосно да се подготвиме за она што ќе не очекува против овој незгоден ривал“, изјави Пешиќ.
Една од причините за поразот на Србија беше слабото издание на капитенот Богдан Богдановиќ (шут за тројка 1/13).
„Богдан сите добро го знаете, тој е емотивно момче и чувствува голема одговорност. Знам дека сакаше само најдобро, но Богдан исто така е искусен играч и сигурно ќе излече поуки од ова. Верувам дека ќе го остави зад себе овој слаб меч и ќе се сврти кон следниот натпревар, за кој ни е потребен вистинскиот Богдановиќ како лидер“, прокоментира српскиот селектор.