Човек го предизвикал пожарот во фабриката „Треска“ во срцето на градот, на 14 април годинава. Кој и зошто – останува непознато.
Кривични пријави сè уште нема, а во одговор за Телма, од Обвинителството споменаа дека се работи на утврдување на вредноста на настанатата штета и ќе се знае дали се исполнети елементи на кривичното дело „предизвикување општа опасност“.
Додека овој случај сè уште чека своја разврска, механизацијата веќе влезе во „Треска“.
Теренот мора да се исчисти од отпадот, руинираните бараки, азбестни кровови и сè што е останато од некогашната фабрика.
Нелегална депонија во срцето на градот, потенцијална еколошка бомба за жителите во околината – ова го наброи градоначалникот на Центар и денес, како и пред пет месеци кога гореше пожар во кругот на фабриката.
Според Герасимовски, заштита на здравјето на центарци е причината заради која е важно да се исчисти теренот. Во меѓувреме, големите градежни инвеститори „го меркаат“ плацот подолго време.
„Треска“ е дел од Детален урбанистички план кој не е сменет речиси една деценија.
План кој имаше многу противници, особено помеѓу сегашни и поранешни припадници на актуелната владејачка структура, а гласно го критикуваа и бројни архитекти и луѓе од фелата. Инвеститорите тропаат на портите на Општината и бараат дозвола за градење.
Сега ниту градоначалникот не може да гарантира дека нема неповратно да се загуби последниот слободен простор во јадрото на Скопје.
Во Општина Центар веќе се поднесени 4 барања за градба и 15 за дооформување на градежна парцела, информираше градоначаникот.
Кога во градоначалничката фотелја беше Богдановиќ, се спроведе конкурс за тоа што да се гради кај „Треска“ и врз основа на тоа да се уреди просторот.
Но, кога дојде на функција Герасимовски кажа дека конкурсот не може да се спроведе заради голем дел приватно земјиште.
Сега, актуелниот градоначалник не ја исклучува можноста за спроведување на меѓународен конкурс.