Home » Петличковски: Нема потреба од паника за конго-кримската треска, не е секој крлеж заразен

Петличковски: Нема потреба од паника за конго-кримската треска, не е секој крлеж заразен

by Журнал.мк

Да не се создава паника меѓу граѓаните поради појавата на конго-кримска хеморагична треска, ситуацијата е под контрола, болеста не се пренесува лесно, тоа е исклучиво со каснување од заразен крлеж – уверуваат од Комисијата за заштита од заразни болести. На Инфективната клиника има достапна терапија и тестови за откривање на вирусот.

„Глобалното затоплување придонесува за нивна поинтензивна активност. Но, не е секој крлеж заразен со некој вирус. Така што, не се забранува на луѓето да излегуваат на отворени површини, но кога ќе излегуваат, треба да имаат предвид и да бидат позаштитени. Риболовци, ловџии, сточари, се особено изложени на оваа опасност“, изјави проф. д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Ветеринарни служби почнаа да ја испитуваат околината на Вардар, но сè уште нема резултати од заловените крлежи. Тимовите и во наредните две три недели ќе бидат на терен, за да се заловат повеќе примероци за да може да се утврди дали во одредени подрачја има жариште од заболени крлежи со вирусот.

„Веќе денес е можно да стигне информација до Влада со која ќе се бара организирање на акциски план во кој ќе се направи прво проценка на преваленцата на наоѓањето, колку често овие крлежи ги има по различните региони и таму каде што ќе бидат детектирани се планира да се направи една дезинсекција која е клучната превентивна мерка за намалување на ризикот од појава на болести“, додава д-р Петличковски.

Министерот за здравство Фатмир Меџити во соопштение за јавноста порача дека здравствениот систем навремено и соодветно одговорил по детектирањето на првите случаи. Брзата реакција на здравствените власти спречиле раст на бројот на нови случаи, а доколку е потребно степенот на превенција ќе се подигне на повисоко ниво.

Стабилна е здравствената состојба на 42-годишниот велешанец којшто е трет позитивен случај на конго-кримска хеморагична треска во земјава. Во добра состојба е и болничарката која се зарази од младата штипјанка која почина како последица од вирусот.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More