Home Македонија Петков од Брисел: Ќе го одржам зборот за С Македонија и ќе оставам парламентот да одлучи

Петков од Брисел: Ќе го одржам зборот за С Македонија и ќе оставам парламентот да одлучи

by admin

Петков рече дека него лично му се допаѓа францускиот предлог, а предлог за одобрување на нацрт-преговарачката рамка и нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ до бугарското собрание поднесоа дел од опозициските пратеници. Од БСП, која беше дел од актуелната влада на која вчера ѝ беше изгласана недоверба, пак, утрово порачаа дека тие нема да поддржат ниту еден предлог за Северна Македонија додека Скопје не ги исполни обврските утврдени од Договорот од 2017 година и декларацијата на бугарското Народно собрание

Бугарскиот премиер во оставка, Кирил Петков, неколку часа пред почетокот на Самитот на ЕУ, од Брисел порача дека ќе го одржи зборот и ќе остави одлуката за Северна Македонија да ја донесе Народното собрание.

„Оваа одлука мора да ја донесе бугарскиот парламент. Јас си го одржувам зборот, без разлика кој што сака од мене. Нема хипотетичка можност за ништо друго. Јас сум премиер на Бугарија и кога ќе кажам нешто си стојам на зборот. Она на што се надевам е дека сепак во наредните денови ќе имаме одлука на Народното собрание“, рече Петков, пренесува БНТ.
Премиерот во оставка пред новинарите во Брисел рече дека лично му се допаѓа францускиот предлог и смета дека неговото усвојување би било историска можност за Бугарија, но тоа, рече, мора да се направи на вистински начин.

Оттаму тој го критикуваше бугарскиот претседател Румен Радев дека не зазел цврст став по ова прашање и дека не го свикал Консултативниот совет за национална безбедност.

„Ако си претседател, го свикуваш советот, седнуваме заедно, дискутираме и излегуваме. Но маските паднаа, уморен сум од кукавици. Ќе го одржам ветувањето кон бугарскиот народ и се надевам дека ќе има отворена дискусија бидејќи тоа е историски момент. Овој предлог е многу добар, но поентата е дека мора да се прифати на вистински начин“, рече Петков.

Тој ја критикуваше и опозицијата која поднесе предлог и инсистира на усвојување на предлогот откако вчера, пак, опозициските пратеници во Комисијата за надворешна политика бараа прво предлог-одлука на владата, а потоа тие да се произнесат.

„Не можете да излезете на телевизија и да се удирате во гради дека ќе направите нешто, а потоа да ја блокирате Комисијата. Не ми се верува дека втор ден не може да обезбедат кворум. Знаете ли зошто немаат кворум? Затоа што се плашат и не можат да изберат ни претседател на собранието. Тие се кукавици и мислат само како да манипулираат. Ако навистина имаат став, Комисијата ќе заседава денес. Ако сте државници, одете во Комисијата донесе одлука“,

рече Петков порачувајќи дека дотогаш бугарската позиција останува таква каква што е.

Во меѓувреме, потпретседателот на Народното собрание и пратеник од партијата Преродба, Цончо Ганев, изјави дека пратеници и од власта и од опозицијата бараат и инсистираат темата за Република Северна Македонија денеска да помине во Комисијата за надворешни работи. Дека инсистираат на одлука, тој ги спомена владејачките партии Продолжуваме со промените (ПП), Демократска Бугарија (ДБ) и БСП, како и опозициските ГЕРБ и ДПС.

Новинската агенција БГНЕС јави дека пратеничките групи на ГЕРБ и ДПС поднеле предлог-одлука за одобрување на нацрт-преговарачката рамка и нацрт-заклучокот на Советот на ЕУ, кои ги предложи француското претседателство.

Од БСП, која беше дел од актуелната влада на која вчера ѝ беше изгласана недоверба, пак, утрово порачаа дека тие нема да поддржат ниту еден предлог за Северна Македонија додека Скопје не ги исполни обврските утврдени од Договорот од 2017 година и декларацијата на бугарското Народно собрание. Ваквиот став, како што пренесува БНТ, го даде претседавачот на генералното собрание на партијата, Георги Свиленски.

Инаку, на веб-страницата на Народното собрание има информации за закажана седница на Комисијата за надворешна политика во 15 часот. Прва точка на дневен ред е изнесување мислење и информација од МНР за нацрт-записник од заедничка седница под чл. 12 од Договорот со Република Северна Македонија од 2017 година и пакетот документи на Претседателството со Советот на ЕУ во врска со процесот на проширување.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More