Пендаровски: Сите сме малку разочарани од двојниот став на ЕУ за датум за преговори

Share on facebook
Share on twitter
Share on whatsapp
Share on google
Share on linkedin
Share on email
Share on print

Знам дека Европската унија се занимава сама со себе, но таа мора да знае дека ние на Балканот сме 30 години во транзиција и мораме да видиме светло на крајот од тунелот, вели претседателот Стево Пендаровски, во интервју за Телевизијата Н1.

Пендаровски во интервјуто вели дека очекува Северна Македонија наесен да ги почне пристапните преговори за членство со ЕУ.

„Објективно сите ние во Северна Македонија сме малку разочарани од тоа двојно говорење од страна на Европската унија како целина. Минатата година во Софија на Самитот, ние имавме чиста, кристална формулација дека Република Северна Македонија и Албанија ќе почнат преговори, односно ќе добијат датум за преговори во јуни 2019 година. Тоа не се случи. Ние сме уверувани од највисоките германски официјални лица дека тоа е само техничко одлагање на процесот и ние тоа го прифаќаме и ќе чекаме на септемвриската одлука на германскиот Бундестаг и на октомвриската на целата Европска унија. Меѓутоа, го поставуваме прашањето што ако во меѓувреме некој друг парламент исто, од технички причини, го одолговлече процесот, бидејќи таму имате одлучување по принцип на консензус. Една држава е доволно да каже ‘не‘ и ние имаме повторно одлагање“, изјави Пендаровски.

Говорејќи за тоа зошто е ова исклучително битно за нас, тој вели дека последните година-две беа навистина историски период за земјата, бидејќи „ние направивме нешто што не го направил никој во целокупната дипломатска историја на светот“.

„Ние го сменивме името на државата. Претходно имавме друго име, поранешна југословенска Република Македонија, меѓутоа сега новото име Северна Македонија важи и внатре во правниот поредок на нашата држава и тоа наиде на значаен отпор кај дел од нашето население, нашите граѓани. Не можам да кажам дека тоа не е точно. Ние постојано објаснувавме на нашиот електорат, еве јас пред два месеци бев во избори за претседател, кога ме прашуваа, мора ли ова да го направиме, зошто ова го правиме – јас реков, им велев ние ова го правиме заради Европа, заради нашата перспектива во обединета Европа. Сега велат – кај е Европа? Се одложува за октомври. А, ако се одложи пак за до година? Ако европскиот процес на придружување, зборувам само за преговарање, трае 10 или 15 години, каква перспектива јас можам да нудам на мојот народ или кој било друг балкански политичар. Значи Европската унија, знам дека се бави сама со себе, со нивната внатрешна архитектура, но Европската унија мора да знае дека ние сме на Балканот генерално 30 години во транзиција и ние мораме да видиме, ама навистина, мораме да видиме светло на крајот на тунелот“, изјави Пендаровски.

По смената на власта во Грција тој не очекува пресврт од грчка страна во однос на Преспанскиот договор, но очекува, како што вели, малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот, особено во делот на трговските ознаки на производите од северниот дел на Грција и од Северна Македонија.

Пендаровски го повторува и ставот дека внатрешната трансформација на ЕУ и пристапните преговори со земјите-кандидати треба да се одвиваат паралелно.

„Европската унија од својот почеток до денес, секојпат во паралела ги водела тие два процеси. Ние не зборуваме за полноправно членство на Северна Македонија, па дури ни на Црна Гора која преговара, ниту на Србија која преговара. Ние зборуваме за нас, за шанса да почнеме преговори. Знаете зошто? Затоа што ние, јас тоа го кажувам на многу приеми, на многу форуми, на многу мои јавни настапи и тоа не звучи добро кај некои националисти на Балканот, меѓутоа тоа е факт – ние немаме големо демократско искуство во регионот, посебно Северна Македонија. Ние сме од ‘91 година формална демократија, ние мораме да имаме некој екстерен евалуатор во ликот и делото на неколку стари членки на ЕУ за да можеме во клучните реформи, во правосудството, медиумите, во администрацијата, во политичкиот систем, да направиме такви реформи, следејќи ги најдобрите европски практики. Инаку, сами со себе нема далеку да дотуркаме. Затоа ни треба Брисел и системот на преговори. Значи ние одиме во реформи многу побрзо ако некој од надвор ни вели – ова се европски стандарди и на крајот на процесот мора да штиклира, да каже ова е завршено или ова не е, па те враќа назад. Инаку знаете, ако балканците ги оставиш сами на себе да се реформираат, тој процес ќе трае ужасно долго“, рече Пендаровски.

Џ.И.

Оставете коментар

Актуелно

@2019 – Новинска агенција ЖУРНАЛ. Сите права се задржани.

Димитрие Чуповски 4/2-11, Скопје, Република Македонија. Телефон: 02/3217-815
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од ЖУРНАЛ.
Секој упад и злоупотреба на интернет страницата на ЖУРНАЛ е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Македонија.