-2.2 C
Skopje
Monday, February 6, 2023

Пендаровски од Загреб: За нас не постои друга одржлива алтернатива освен полноправно членство во ЕУ

Најчитани вести

Претседателот Стево Пендаровски денеска во рамки на официјалната посета на Република Хрватска оствари средба со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, по што следеше и заедничка прес-конференција на двајцата претседатели.

„Ние сме благодарни на Република Хрватска за искрената поддршка, како и за одговорноста за мирен и просперитетен Балкан во обединета Европа. Овде, во Загреб, би сакал уште еднаш да истакнам дека за нас не постои друга одржлива алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија и за таа цел продолжуваме да работиме со несмален интензитет. Се разбира, за да стигнеме таму, нема да бидат доволни само нашата волја и нашите напори“, истакна претседателот Пендаровски.

Додаде дека двете држави и граѓаните ги поврзуваат длабоки историски и културни врски.

„Ние сме блиски по географија, слични по јазик, култура, но и по менталитет, светоглед и вредности. Низ историјата, Хрватска за нас има особена улога и значење. Токму тука, во Загреб, пред точно 160 години беше испечатен зборникот на народни песни на браќата Миладиновци под покровителство на хрватскиот бискуп Штросмаер, како најзначајно дело на нашата преродба. Овој зборник е предвесник на уште едно капитално дело кое е издадено повторно тука во Хрватска, во Самобор, една од првите стихозбирки напишани на македонски јазик, книгата ‘Бели мугри’ на Коста Солев Рацин, еден од основоположниците на современата македонска литература“, потенцира Пендаровски.

Според него, врз богатата традиција на блиски односи, се гради интензивна соработка во сегашноста, затоа што, како што посочи, двете земји имаат идентична визија за иднината.

„Хрватска е еден од најголемите поддржувачи на евроинтеграцијата на Република Северна Македонија. Хрватската поддршка е резултат на нејзината верба во столбовите на Европската Унија и нејзините базични принципи, кои, за жал, во последно време некои ги доведуваат во прашање“, рече македонскиот претседател.

Потенцира дека во современиот свет кој не е имун на геополитички конфликти, економски и здравствени кризи, секоја земја се обидува да им обезбеди на своите граѓани сигурност, безбедност и просперитет. Но без соработка меѓу државите, според Пендаровски, тоа би било невозможно.

„Да го искористиме капиталот што го имаме во билатералните односи, да ја развиваме економската и трговска соработка и соработката во другите области како туризмот, инфраструктурата, науката“, порача претседателот.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести