14.8 C
Skopje
Sunday, October 2, 2022

Пендаровски: Обврска ни е да го чуваме и негуваме македонскиот јазик

Најчитани вести

По повод Денот на македонскиот јазик, 5 Мај, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака:

„Денес оддаваме почит на нашата особеност, на нашиот идентитетски темел и лингвистичка гордост – македонскиот јазик. Јазикот на Конески, Шопов, Јаневски и на сите творци на македонската литературна реч е огледало на самобитноста. Тој е и наше основно човеково право, право на самоопределување и самоизразување.

Mакедонскиот јазик, афирмиран во светот, има сопствено место во словенското јазично семејство, благодарение на генерациите пред нас кои нè задолжија да го негуваме преку неговото писмо, кое токму денеска го чествуваме. Не смееме никогаш да ја забораваме борбата на нашите предци за докажување на посебноста на македонскиот јазик и за правото на неговата употреба која била тешка и исцрпувачка.

Не помалку лесна е и денес, исправени пред нови, наметнати предизвици, но во духот на европските вредности и нашето начело да ги почитуваме различностите, ќе продолжиме да го истакнуваме нашето свето обележје, нашата инаквост, нашиот идентитетски стожер. Вековната писмена традиција што нам ни ја оставија, претставува најголемото сведоштво за посебноста на македонскиот јазик.

Обврската да го чуваме и негуваме македонскиот јазик не е само долг кон нашите предци, туку и кон нашите потомци, кон културното наследство на човековата цивилизација и влог во нашата единствена татковина, како дел од европскиот културен простор. Како што ќе рече нашиот Мисирков: Милоста кон народнијо јазик јет наш долг и наше прао. Није сме должни да милуаме нашијот јазик, зашчо тој јет наш исто така, као шчо ни јет наша таткоината ни.“

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com