18 C
Skopje
Wednesday, March 3, 2021

Пендаровски: Бугарските барања за македонскиот идентитет дел од одговорот на Акцискиот план

Најчитани вести

Проекти од областа на инфраструктурата и образованието, не се единствените иницијативи кои ги нуди официјална Софија во одговорот на Акцискиот план кој што се размени на средбите на специјалниот посредник Владо Бучковски. 

Бугарските барањата околу македонскиот идентитет сепак се дел од одговорот на официјална Софија на понудениот Акциски план, открива претседателот Стево Пендаровски во интервју за МИА. Иако, досега она што како информација беше објавено е дека планот содржи иницијативи поврзани со инфраструктура, образование сепак, според Пендаровски, ги вклучува и ставовите на Бугарија во однос на македонскиот јазик и идентитет.

„Одговорот што го видов од бугарска страна на нашиот Акциски план практично не одговара на еден дел од нашите барања. Има и за тоа, меѓутоа, повторно во тоа вметнувате што вие мислите за идентитетските белези на македонската нација. Ние тоа не го бараме. Не го спомнуваме во Акцискиот план бидејќи тоа е надвор од какви било преговори. Ви реков, можеме секоја друга област да ја зборуваме, не смееме и нема да зборуваме сигурно за тоа кои сме, што сме итн“, вели Пендаровски во интервјуто.

Шефот на државата не е голем оптимист дека можен е голем напредок во односите со Бугарија и целосно тргање на ветото за почеток на преговори по нивните избори напролет.

„Воопшто не верувам дека каква било промена, евентуално ако има, тоа е работа на бугарските граѓани и народ кој ќе им биде таму власт, меѓутоа каква и да има промена, не верувам дека ќе има промена во оваа, бидејќи оваа е апсолутно потврдена и поддржана од сите релевантни политички сили во бугарска црвена линија“, вели Пендаровски.

Шефот на државата во интервјуто најави и учество на министерот за надворешни, Османи и вицепремиерот Димитров на седница на собраниската Комисија за надворешни работи на која што би биле презентирани последните информации околу разговорите со Бугарија, што во неколку наврати го бараше претседателот на комисијата, Антонио Милошоски. По неговата последна покана минатата недела, е донесена владина одлука со позитивен одговор. Од Владата за Канал 5 потврдуваат дека постои расположение за учество на Комисијата, но деталите допрва треба да бидат прецизирани.

Претставници на Владата се подготвени пред пратениците да презентираат информации поврзани со преговорите со Република Бугарија. Во комуникација потврдено е дека постои интерес за одржување на сесијата во Собранието, периодов ќе следи усогласување на термините согласно агендите, по што јавноста ќе биде информирана, велат од Владата.

Првиот тест Акцискиот план ќе го има веќе на состанок на мешовитата историска комисија, кој неофицијално, ќе се одржи на 22 јануари. Последниот состанок заврши без напредок поради несогласување меѓу македонската и бугарската страна за користење на терминот македонски јазик во записниците од работата на комисија.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести