15.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022

Паѓа државното производство на струја, растат компаниите на функционери во овој бизнис

Најчитани вести

Производството на струја во државните капацитети е скоро преполовено за една деценија, а се повеќе функционери и нивни деца влегуваат во овој бизнис.

Виски функционери, сегашни и поранешни, но и нивни деца влегуваат во бизнисот со струја, во ек на енергетска криза, додека домашното производство цела деценија е во пад.

Така, само што наполни 18 години Душко Заев, синот на поранешниот премиер Зоран Заев, основаше претпријатие за производство на електрична енергија. Седиштето на компанијата е во Струмица, а го носи името Тотал Енерџи. Со ова, семејството Заеви, које има бизниси во повеќе дејности, за првпат влезе и во бизнисот со струја.

Уште еден син, на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери, Аријанит Џафери, има компанијата за снабдување со електрична енергија – „У Пауер“.

Ко-основач на компанија е и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој подолго време е во овој бизнис. Компанијата се вика „Renewable energy supply“ (РЕС), а со неа тој најави нов пристап и во снабдувањето и во трговијата со електрична енергија.

И актуелниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски со години е во овој бизнис, како ко-сопственик на хидроцентрали.

И покрај тоа, извештаите на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека домашното производство за една деценија се намалило за една четвртина, а производството на струја во државните капацитети е скоро преполовено. Во 2010 година, државните капацитети произвеле речиси 6500 гигават часа струја, а во 2020 година над 3600 гигават часа.

Професорот Константин Димитров е дециден дека со децении се уништува домашното производство на електричната енергија, со непланско работење и незнање, но не го исклучува и моментот дека сето тоа се прави тенденциозно. Вели дека со години не е вложувано во копање доволно јаглен, а и постројките не се одржуваат, па откажуваат тогаш кога се најпотребни.

„Не мора тоа да го докажуваме со равенки, се гледа од нивната работа. Ако имате вие можност постројки кои имаат да кажеме 6, 7 или 8 илјади гигават саати, а ни половина не произведуваат, се знае што е причината. И во стратегијата каде што редовно се вели дека мора да има постројки кои што треба да влезат во погон ако една не работи, т.н. резерва ладна или топла, и затоа имавме ладна резерва за мазут, а немаше мазут“, вели е професорот.

Запрашан за тоа колку вклучувањето на многу функционери и нивни деца во овој бизнис ќе помогне во енергетската криза во земјава, Димитров вели дека „ако некој го уништува производството, а влегува во процес на трговија, се е јасно“.

„И они вложуваат после во сопствено приватно производство на електрична енергија, која ќе ја продаваат за 250 евра мегават час, а Македонија ја задолжуваат, електростопанство да ја продава електричната енергија по 42 евра мегават час. Што понатаму да зборуваме. Уништување финансиско на системот со фиктивно демек помагање на граѓаните колку да се добијат политички гласови. Затоа што ете ние се грижиме за граѓаните, ама кој ќе ги плати тие кредити што се земаат“, прашува Димитров.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски вели дека државното производство на струја се базира на стари капацитети, но успеваат да го држат стабилен со инвестиции во тие капацитети. ЕСМ учествува со 71 отсто во производството на струја. Во однос на влегувањето на повеќе функционери во овој бизнис, вели дека законот дава можност за инвестиции на сите заинтересирани за енергетика.

„Јас можам да кажам она што е за нас важно и одговорно за државните капацитети со кои располага државата, тоа е АД ЕСМ и со законот за либерализација од 2019 година и законот за енергетика , кој што предвидува повеќе инвестиции во обновливите извори на енергија, дава можност и за сите оние што се заинтересирани да инвестираат во енергетиката, затоа што енергијата значи живот и значи идинина. Затоа сите чинители во државата кои можат да инвестраат во енергијата, вклучително и ние како држава, сме посветени да инвестираме колку е можно повеќе за да ги зајакнеме капацитетите во државата и да бидеме колку е можно помалку зависни од енергија од увоз“, рече Ковачевски во интервју за Радио Слободна Европа.

Македонија годинава купуваше јаглен зашто немаше доволно за да работат РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и набави мазут за да работи ТЕЦ Неготино. Дополнително, гасот драстично поскапе оваа година, па и производството на струја и топлинска енергија од ТЕ-ТО е многу поскапо.

Единствен ресурс што државата го има се обновливите извори на енергија, односно водата, сонцето и ветерот, но потребни се големи инвестиции за да се користат. Во земјава е искористена само една четвртина од хидропотенцијалот. Само еден отсто од енергијата на сонцето, пред се, преку фотонапонските електроцентрали се користи за производство на струја. Слабост на ваквото производство е што не може да се планира, односно струјата се произведува само кога климатските услови тоа го дозволуваат.

Поради немањето домашно производство Македонија стана зависна од увоз на струја на чија цена не може да влијае. Ова дојде до израз оваа зима, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава купува неколку пати поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите.

Сето ова доведе и до поскапување на цените за домаќинствата за 10 % кон крајот на минатата година, а Регулаторната комисија за енергетика ја укина и евтината дневна тарифа.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com