12.8 C
Skopje
Sunday, September 26, 2021

Пауновски: Ако не ме разбира премиерот, нека ме разреши, јас не прифаќам рамковни вработувања

Најчитани вести

Ако премиерот Зоран Заев не ме разбира, немам што друго да кажам освен дека може слободно да ме разреши на наредната владина седница, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, кој не сака да прими 35 рамковни вработувања што му биле прераспределени, затоа што не ги исполнуваат условите за пополнување потребни работни позиции.

По изјавата на Пауновски дека нема да ги потпише решенијата за вработување на 35 административци од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, премиерот Зоран Заев вчера му рече да не прави отпор.

„Испраќам порака пред сѐ до директорот на Пазарниот инспекторат којшто е доста гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите едни со други“, рече вчера Заев.

Пауновски вели дека и покрај ваквата изјава на премиерот Заев, тој останува на ставот дека додека е тој директор нема да ги потпише решенијата за вработување на овие 35 лица.

„Ми даваат 35 луѓе за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, а таму немаме потреба од нови вработување, туку во Струмичкиот Регион и во источна Македонија. Па овие нови вработени нема да има каде да ги сместиме, нема место во канцелариите, пак ќе треба дома да седат. Точно е дека барав вработување, ама за градовите каде немаме инспектори, каде бироата ни се празни, а не за онаму каде сме до максимум исполнети“, вели Пауновски.

Пауновски вели во моментов 41 отсто од вработените во Инспекторатот се Албанци. Вели дека дел од кадрите кои му се даваат се со несоодветно образование, само 12 се правници и економисти и не одговараат за позицијата инспектори.

„Нашата работа е на улица, на терен, а не во канцеларија, немаме потреба ние од администрација. Во изминативе три години сметам дека многу направивме во Инспекторатот, со странски донации ги уредивме канцелариите. Во 2018 затекнав 305 вработени од кои 97 беа инспектори, а сега имаме 247 вработени и дури 178 инспектори“, додава Пауновски.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com