14.8 C
Skopje
Saturday, October 23, 2021

Пановски за „Призма“: Не очекувам голема смртност во новиот бран

Најчитани вести

Според него, не е научно базирано и владиното инсистирање да се вакцинираат со две дози и тие што ја прележале болеста предизвикана од корона-вирусот. Неколку странски трудови и еден домашен покажале дека за оваа група граѓани е доволна една доза
Микробиологот и професор на Медицинскиот факултет, Никола Пановски, во интервју за „Призма“ вели дека не очекува голема смртност со четвртиот ковид-бран во кој влегува земјава. Според него, бројот на смртни случаи ќе биде најмалку петпати, а можеби и десетпати помал.

Тој појаснува дека земјите кои многу порано од Македонија ја почнаа имунизацијата, имаат далеку поголем процент на вакцинирани и затоа прашање е каков бран ја очекува нашата држава во следниве неколку недели, откако сериозно почна да се зголемува бројката на заразени, кај кои се повеќе ќе доминира опасниот делта сој.

Она што ја разликува Македонија од многу други земји, вели Пановски, е тоа што огромен процент од населението стекнало имунитет по природен пат, прележало ковид, и тоа се покажало во јуни и во јули, кога речиси и да немаше случаи на корона во државава.

„За разлика од министерот за здравство, Венко Филипче, јас сум убеден, можеби затоа што сум повозрасен и имам повеќе искуство, дека природно стекнатиот имунитет со прележување, дали симптоматски или асимптоматски, е подобар од која било вакцина“,

вели Пановски.
Тој очекува далеку помирен бран во смисла на хоспитализирани пациенти од ковид и смртни случаи, бидејќи покрај огромниот број прележани, според него, 25 проценти од населението е вакцинирано.

Пановски калкулира со проценката дека во државава има далеку помалку жители отколку што покажуваат старите пописни податоци и затоа реалниот процент на целосно вакцинирани, според него, е повисок од оние официјални 20 отсто.

„Болеста ќе се шири, меѓутоа нема да има толку хоспитализирани и смртни случаи. Бројот на смртни случаи ќе биде најмалку петпати помал, да не речам и десет. А, бројот на позитивни може да биде и 1 000 и 2 000, и тоа воопшто не ме плаши“,

вели тој.
За него сега најважно е да се заштитат возрасните со хронични болести, кои не прележале и кои од најразлични причини не смеат или не сакаат да се вакцинираат.

„Ако се тие некаде по селата, не е страшно, меѓутоа ако се во град, тие се изложени. Нив болеста некој ќе им ја донесе дома, колку и да се чуваат“,

вели Пановски.
Тој ги коментираше и новите мерки што Владата ги донесе и ќе важат од 16 август и смета дека тие се медицински неоправдани.

„Нема медицинска логика во рестриктивните мерки за граѓаните што не се вакцинирани“,

вели Пановски.
Од следниот понеделник, во отворените делови на рестораните и на објектите каде што присуствуваат повеќе од 30 лица ќе може да влегуваат само тие што имаат потврда (сертификат) дека примиле барем една доза од ковид-вакцините. Истото важи и за друг тип настани на отворено, како што се прославите, концертите, семинарите и културните или спортските настани.

Некогашниот директор на Фондот за здравство, Пановски аргументира дека илјадници што прележале ковид имаат огромно количество антитела, во многу случаи и повисока од онаа кај вакцинираните и затоа нема логика сега посредно, преку новата рестриктивна мерка да се присилуваат на вакцинирање.

„Тоа нема врска ни со медицината, ни со епидемиологијата. Од друга страна, може уште в понеделник да се вакцинирате и по 15 минути да седнете во кафуле. А, имунитетот ќе го добиете во ноември или во декември“,

појаснува Пановски.
Според него, не е научно базирано и владиното инсистирање да се вакцинираат со две дози и тие што ја прележале болеста предизвикана од корона-вирусот. Неколку странски трудови и еден домашен покажале дека за оваа група граѓани е доволна една доза.

Ова тврдење го темели на неодамна објавен труд, направен на нашиот Медицински факултет, кој покажал дека една доза од Фајзер (таа вакцина била испитувана) е доволна за тие што ја пребродиле болеста. Инсистирањето да се вакцинираат прележаните со две дози уште повеќе е нелогично, вели професорот, зашто се покажало оти вакцинираните се инфицираат отприлика седумпати почесто отколку прележаните.

Сепак, тој предупредува дека овие податоци не треба да ги поколебаат луѓето што не го прележале вирусот да се вакцинираат.

„Вакцината ќе ви го спаси животот, ама нема да го спречи ширењето на болеста. Тоа е вистина сега“,

вели тој.
Дека вакцината функционира, покажуваат и бројките од земјите што први почнаа со имунизација, како САД, Велика Британија и Израел.

„Во Америка, во јануари или лани во ноември, на 100 000 случаи имаше 3 500 умрени, а сега умираат по 400, значи седумпати е помала смртноста, и тоа е ефектот на вакцината“,

вели Пановски.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com