Денешното судско рочиште против ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест други лица во предметот „Софтвери“, повторно се одложи.
Причината за денешното одложување е што немаше претставник на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. На обвинителката Ивана Трајчева која го водеше овој предмет, како и на четворица нејзини колеги од ова обвинителство, им истече мандатот, а обвинителот што требало денеска да биде присутен е на службен пат во Грција.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, која ги соопшти причините за одложувањето, рече дека се надева оти Советот на јавни обвинители наскоро ќе избере обвинители.
„Денешното рочиште се одлага бидејќи од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција има барање за одлагање со известување дека јавниот обвинител има договорена работна средба надвор од државата. Се надевам дека Советот ќе даде придонес бидејќи е потребно да се избере јавни обвинители со оглед дека на дел им истече мандатот, а таков е случајот и со јавниот обвинител кој досега го застапуваше овој предмет”, рече судијката.
Покрај на Трајчева, мандатот им е истечен на уште четворица нејзини колеги од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.Конкурс за петте испразнети места од Советот имаше. Трајчева и другите четворица аплицираа на конкурсот за нов мандатот, а конкурираа уште петмина други обвинители. Меѓутоа, изборот од страна на Советот на јавни обвинители сè уште не е направен, со оглед дека дел од кандидати поднесоа приговори за оценувањето.
Обвинителката Трајчева која е со истечен мандат, изминатиот месец не можеше сама да настапува и во другите предмети каде досега настапуваше, и во судот на рочиштата можеше да се забележи дека доаѓа на судење придружувана со уште обвинител кој има мандат.
Инаку, обвинението против Рашковски и уште шест други лица опфаќа набавки околу два софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, а исто така и исплата на хонорари од коишто, според обвинителството, ексгенералниот секретар на Владата дел зел за себе. Рашковски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари.
Претходниот обид за старт на судскиот процес беше на 25 јануари, но и тогаш се одложи затоа што една од обвинетите беше отсутна, но и бидејќи предметот се наоѓа во Апелацискиот суд во Скопје за одлучување по жалба на одбраната за замрзнување на имот и за жалба за издвојување докази.
Тогаш Рашковски во изјава за медиумите ги оспоруваше доказите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција при што ги оспоруваше пораките велејќи дека се незаконски извадени и најави интересно судење со коментарот „Холивуд да го режира ова не може да го направи“.
„Од тоа што јас можам да го кажам е дека ќе имаме навистина интересно судење, кое би требало во македонското правосудство, особено во делот на компјутерската форензика, која и тоа како е слабо применувана, да имплицира понатаму многу поквалитетен начин на прибирање на дигиталните докази. Срамота е на лица што немаат ниту познавања ниту лиценци ниту се вештачи да им се дава да буричкаат и да чепкаат по приватни податоци на лица на кои им се одземени телефоните итн., рече Рашковски кој исто така тврдеше и дека не го зголемил имотот додека бил на функцијата.
Обвинителката Ивана Трајчева, пак, беше уверена дека има доволно докази со кои ќе ги докаже сите факти наведени во обвинението.
„Во суштина станува збор за докази од кои ќе се докажат сите факти наведени во диспозитивот на обвинителниот акт, за секоја постапка посебно, како и за хонорарците, а и за кривичното дело перење пари“, изјави тогаш Трајчева.