24.8 C
Skopje
Tuesday, May 24, 2022

Отворена 10-тата Меѓународната научна конференција „Охрид-Водици 2022″

Најчитани вести

„Глобалните трендови и предизвици поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален/регионален развој” ќе биде фокусот на дискусиите на Десеттата Меѓународна научна конференција „Охрид-Водици 2022″ што од денеска се одржува во Охрид.

Рубин Земон, претседателот на Програмскиот комитет на конференцијата, во поздравното обраќање пред учесниците на собирот потсети посочи дека оваа генерација е првата што живее во глобално општество чии контури се уште се исцртуваат.

– Таквото општество го менува начинот на нашиот живот независно каде на земјината топка се наоѓаме…Последните неколку децении човековите активности во значајна мера влијаеа врз планетарниот еко-систем, менувајќи го и резултирајќи со последици со кои истиот како повеќе да нема сила да се справува, што пак доведува до неповратни процеси и последици за човештвото на планетарно ниво. Човештвото веќе е сериозно засегнато од таквите промени, рече меѓу другото Земон во обраќањето.

Тој додаде дека и кризата наметната од коронавиросот дополнително покажа колку човештвото е ранливо и колку е неодржлив постоечкиот начин на живот на планетата.

– Се разгледуваат сценарија, се разработуваат планови за дејствување. Предуслов за успешност во намерите е одвојување на амбициите од прифатливите решенија и цели, што не е лесно да се спроведе. Неопходно е во таа насока да се изнајдат иновативни, креативни решенија, сето спроведено преку постојана, блиска соработка на сите фактори канализирана кон самоодржлив развој. Само на тој начин ќе се изнајдат решенија што ќе бидат трајни и отпорни на се поизразените промени, рече Земон.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, се осврна на една од најавените теми на дискусија на конференцијата, а се однесува на глобалните трендови и закани поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален/регионален развој.

Тој ја искористи можноста да потсети на идентитетските прашања, како предуслов за државноста, како шпто рече, дека нема држава без идентитет, оти за него не смее и не може да се преговара…

– Идентитетот е сржта, генетскиот код на нашето постоење и опстојување. Древниот Охрид е бедем на македонскиот национален идентитет, научен и културен центар кој ја промовира Република Македонија како земја која доследно се грижи за своето минато, сегашност и иднина. Вредното културно наследство кое го поседува Охрид го сочувале генерациите пред нас, а тоа доследно треба да го правиме и ние. Охрид е ризница на бројни артефакти кои датираат пред новата ера. Секогаш е потребна поголема и поагресивна промоција на целокупната охридска археолошка слика, на сите културни добра со цел Светот јасно да го види цивилизацискиот континуитет на Македонија, рече Пецаков.

Тој потсети дека материјалните и духовни блага се дел на македонската култура и македонски белег, додека минатото е содржано во националната историја и оттаму неменливо во секаква смисла на зборот.

На собирот е најавено учество на над седумдесет учесници, научни работници, експерти од единаесет земји, со презентација на 42 научни труда.

Поради наметнатата ситуација предизвикана од коронавирусот годинешната конференција ќе се одржува хибридно, со физичко присуство и „онлајн” преку платформата „ZOOM”.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com