Во Собранието сѐ уште не е доставена оставката на министерот за локална самоуправа Горан Милевски од ЛДП и сѐ уште не се знае кога ќе биде избран новиот министер Ристо Пенов. Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека изборот ќе се координира со претседателот на Собранието Талат Џафери во однос на закажување на седниците, но не кажа кога Владата ќе ја испрати оставката до парламентот.
Од Собранието посочуваат дека доколку оставката биде испратена неделава до нив, таа би можела да биде констатирана на новата седница што спикерот Џафери ја закажа за 17 октомври. Доколку со оставката пристигне и предлогот за избор на нов министер, гласањето би можело да се изврши истиот ден на нова седница.
За свикување нова седница Џафери информирал денеска на редовната понеделничка средба со координаторите на пратеничките групи. Исто така, тој повторно апелирал претседателите на комисиите да ги свикуваат овие собраниски тела за поефикасна работа на Собранието. На координацијата и денеска не присуствувал координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Премиерот Ковачевски денеска во изјава за новинарите беше дециден дека во Владата ќе има промена само на министерското место за локална самоуправа, но не и на челните места на други министерства.
„Ви кажав, смена ќе има во Министерство за локална самоуправа, со оглед на тоа дека имаме оставка на министерот. Друго нема во план“,
рече Ковачевски.
На забелешката дека функционери на СДСМ најавиле „мали промени” во Владата, Ковачевски потенцира дека станува збор за „многу мали промени”.
„Сметам дека ќе бидат многу мали, со оглед на тоа што Владата функционира во полн капацитет и ги извршува своите обврски и ја реализира програмата така како што е договорено“,
изјави премиерот.