13 C
Skopje
Saturday, May 8, 2021

Османи-Дендиас: Северна Македонија и Грција се стратешки партнери

Најчитани вести

Грција може да биде најдобриот сојузник на Северна Македонија, можеме да бидеме најдобриот пријател на Северна Македонија, истакна денеска шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на прес-конференцијата во грчкото МНР со министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој е во официјална посета на Атина.

По средбата во грчкото Министерство, Османи и Дендиас потпишаа меморандуми за разбирање во областа на цивилната заштита, за дипломатската едукација и меморандум за разбирање меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“.

Османи и Дендиас истакнаа дека постои напредок во односите меѓу двете земји, а Северна Македонија и Грција веќе се стратешки партнери. Се осврнаа и на втората меѓувладина седница што треба да се одржи во следниот период, во зависност од текот на пандемијата.

Шефот на грчката дипломатија рече дека со потпишувањето на меморандумите односите меѓу двете земји направија чекор напред и се задржа на областите во кои има голем потенцијал за соработка како што се енергетиката, економијата, инвестициите.

-Европската Унија има обврска да ја задржи на маса политиката на проширување, порача Дендиас и додаде дека не може да се дозволиме создавање „вакум на нестабилност во нашиот регионот, што може лесно да се пополни од други сили што не се ЕУ и поддржуваат екстримизам“.

-Вистинско задоволство е да се почне годината со ваква успешна посета на Грција. Нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата, истакна Османи.

Шефот на дипломатијата истакна дека принципиелната поддршка на Грција, како непосреден сосед и воедно членка на ЕУ, е особено важна за почеток на преговорите со Северна Македонија, без одложување.

-Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план, рече Османи.

Министерот Османи претходно оствари средба со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, во чиј фокус беа напредокот на билатералните односи по Договорот од Преспа, ситуацијата во регионот и европската перспектива на Северна Македонија.

Eднодневната работна посета на Атина Османи ќе ја заврши со средба со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести