Шегата за кратката коса на Џејда Пинкет- Смит која страда од алопеција, беше причина за нејзиниот сопруг, актерот Вил Смит да го удри комичарот Крис Рок на сцената по што се врати во своето место во публиката од каде му порача да не го спомнува нејзиното име во ниту еден контекст.
Иако првично, присутните помислија дека станува збор за наместен инцидент, сепак по добивањето на наградата за категоријата најдобар машки глумец која впрочем е прв Оскар во неговата кариера, Вил Смит во емотивен говор со солзи во очите се извини на јавноста за непријатната ситуација.
Иако имаше само три номинации, златната статуетка за најдобар филм ја доби “КОДА”, во кој глумат неколку лица со оштетен слух, а со победата беше испишана историја бидејќи стана првиот филм од стриминг сервиси кој освоил Оскар за најдобар филм но и прв филм во последните 90 години кој ја освоил главната награда откако бил номиниран во помалку од четири категории, а актерот Трој Коцур кој ја доби наградата за најдобра споредна машка улога стана првиот глув машки актер кој освоил Оскар.
Наградата за најдобра женска улога заврши во рацете на Џесика Честејн, за филмот “ Очите на Теми Феј“ а иако филмот „Моќта на кучето” имаше рекордни 12 номинации и беше главен фаворит за освојување на награди во повеќе категории, на крајот се закити само со една статуетка- за најдобра режија. Најмногу награди пак, доби научнофантастичната сага “Дјун”, односно 6 од можни 10 номинации, меѓу кои за монтажа, визуелни и звучни ефекти.
По две години живот во пандемија, годинива манифестацијата се оддржа во полн сјај и гламур, а овогодинешното издание го одбележа и огромната поддршка од филмскиот свет за Украина и обраќањето на актерката Мила Кунис, родум од Украина, а присутните одадоа почит кон украинскиот народ со едноминутно молчење.