Орхан Муртезани, досегашниот директор на МЕПСО од редовите на Алтернатива, го објави своето разрешување со информација дека го остава операторот на системот за пренос на електрична енергија со добивка од 22,6 милиони евра за годината 2022.
Истовремено тој му ја предаде својата функција на досегашниот пратеник од редовите на Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди.
„На 27 декември 2021 година го прифативме предизвикот да управуваме со АД МЕПСО, во екот на енергетската криза, со екстремно руинирана ликвидност на компанијата, многу грижи и неизвесности за иднината. Денеска го предаваме овој аманет која што ни беше даден со рекорден процент на реализирани инвестиции од 43%, со над 40 милиони евра во сметка и со фактот што МЕПСО годината 2022 ја затвори со рекордна добивка од 22.6 милиони евра, или добивка од 798% поголема од 2021 година. Горд сум за секој ден поминат на чело на оваа компанија. Им се заблагодарувам на членовите на Управниот одбор и на сите соработници за придонесот и безрезервната поддршка во оваа заедничко патување кон многуте успеси. Исто така му се заблагодарувам на претседателот Африм Гаши за довербата. До гледање“, објави Муртезани.