Заканата од пожари не е завршена. Сè уште има ризик од појава на големи огнени стихии доколку не се внимава – предупреди првиот човек на Центарот за управување со кризи. Ангелов побара поголема свест од населението. Предупреди на несоодветното однесување на земјоделците и сточарите, како и на оние кои се движат во шумски појаси.
Според Ангелов, службите се максимално подготвени да се справат со големи шумски пожари. На располагање има три специјализирани воздухоплови и хеликоптерите на АРМ и на МВР. Тој е задоволен од ангажманот на локалните противпожарни служби и на припадниците на националните шуми. Досега во десетина случаи се интервенирало од воздух, кога е загрозено населено место или критична инфраструктура.Во ЦУК велат дека е подобрена координацијата со општинските власти кои треба први да информираат за појавата на пожар.